Фото: Архива „Нова Македонија“

Нашиот сон е да одиме на ЕП 2026 и затоа ја повикувам публиката в недела во Скопје во што поголем број да ни помогне, иако нема да биде така лесно како против Грузија

ОДБОЈКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2026

Машката и женската одбојкарска репрезентација на Македонија продолжуваат со подготовките за вторите дуели во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2026 година. Одбојкарите по убедливата победа над Грузија на гости во првото коло со максимални 3-0 во сетови, в недела во СЦ „Јане Сандански“ (20.15 ч.) ја пречекуваат селекцијата на Грција. Евентуална победа на црвено-црните ќе ги однесе на чекор до пласман на ЕП 2026, кое ќе се одржи во Финска, Италија, Романија и Бугарија. Предводени од капитенот Никола Ѓоргиев, македонските одбојкари се оптимисти пред овој мошне значаен дуел.

– Одличен почеток со убедлива победа во квалификациите над Грузија со 3-0. Откога сум јас во репрезентацијата, никогаш во историјата не сме имале ваков старт. Првиот чекор е направен, а во Скопје нѐ очекува дерби-дуелот против Грција, репрезентација што е на наше ниво. Ако имаме добар играчки ден и бидеме дисциплинирани во играта, особено во блок-одбраната, а со добар сервис ги нападнеме, мислам дека може да славиме. Нема калкулации, одиме на победа против Грција. Целата репрезентација и јас како нејзин капитен сме подготвени да извојуваме нова победа, со која, пак, сметам дека ширум ќе ги отвориме вратите кон ЕП, односно 99 отсто ќе го оствариме сонот на оваа, можам да кажам, нова генерација иако во неа играат и стари одбојкари. А, нашиот сон е да одиме на ЕП 2026 и затоа ја повикувам публиката в недела во Скопје во што поголем број да ни помогне, иако нема да биде така лесно како против Грузија. Ветувам дека сите играчи ќе дадеме 100 отсто на теренот и со тоа уште еднаш ќе ја израдуваме македонската спортска нација – оптимист е капитенот Никола Ѓоргиев.
За разлика од машката, женската сениорска репрезентација на Македонија, која во Скопје загуби со 0-3 во сетови од реално посилната Австрија, во второто коло, на 28 август, повторно ја очекува тежок меч, овој пат против Грција во Солун (19.30 часот). Секако, овој натпревар ќе претставува и нова можност за поправен на македонските девојки во овие квалификации за ЕП, кое во 2026 година ќе се одржи во Азербејџан, Чешка, Шведска и Турција.

– Многу ме радува што покажавме дека можеме да играме против Австрија, која е многу поискусна од нас, што се виде во тие пресудни моменти, кога беа потрпеливи во нападот, одбраната и на блокот, а ние не бевме, особено во контранападите. Сега се обидувавме што побрзо да решиме некои ситуации на теренот. Сепак, генерално сум задоволен, оти, за разлика од лани, овој пат бевме многу поблиску до нив, со оглед на тоа што нашата селекција е подмладена и оправдано ѝ недостигаа многу одбојкарки. Годинава бевме статистички подобри од Австријките во приемот на сервис, што не беше така минатата година. Имавме и покажавме желба да играме против Австрија, што не значи дека нема да успееме против Грција – вели селекторот на репрезентацијата Стефан Пауновиќ.
По овие две средби, квалификациите за ЕП 2026 продолжуваат во август следната година. Г.И.