Ѓоковиќ со ланскиот трофеј во Њујорк / Фото: ЕПА

Победата во Њујорк би му обезбедила 25-ти гранслем на Ѓоковиќ, најмногу од сите играчи, машки и женски во поединечна конкуренција, а со тоа ќе стане и најстариот човек во опен-ерата што освоил гранслем-турнир

ТЕНИС – ПОЧНУВА ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРОТ САД ОПЕН

Гранслем-турнирот САД опен често може да предизвика изненадувачки победници, па зошто и годинашното финале во Њујорк да не биде исклучок. Со оглед на тоа што Олимпијадата се одржа пред само три недели, играчите пристигнуваат во Њујорк со помалку минути минати на тврд терен од претходно, а со повеќе километри во нозете.
Новак Ѓоковиќ е бранител на титулата, но останува да се види дали емотивното влијание од освојувањето на долгоочекуваното олимписко злато на земјена подлога во Париз ќе влијае на неговите шанси. Србинот ги направи ЛОИ свој приоритет годинава, но би сакал да го задржи рекордот на освојување барем еден гранслем годишно, како што го направи тоа во последните седум.
Победата во Њујорк би му обезбедила 25-ти гранслем на Ѓоковиќ (37), најмногу од сите играчи, машки и женски во поединечна конкуренција, а со тоа ќе стане и најстариот човек во опен-ерата што освоил гранслем-турнир – пишува „Би-би-си“.
Ѓоковиќ ќе се соочи со тешка конкуренција, почнувајќи од светскиот рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер, кој го победи во полуфиналето на Австралија опен во јануари, и шампионот на Ролан Гарос и Вимблдон, Шпанецот Карлос Алкараз. Синер е играч во форма, откако го освои Синсинати опен во подготовките за Њујорк. На почетокот на минатата недела беше објавено дека Италијанецот е ослободен од какво било обвинение, откако двапати беше позитивен на забранета супстанција во март.

Алкараз го победи Ѓоковиќ и во финалето на Вимблдон, но Србинот му се реваншира со прекрасна победа во мечот за злато на ЛОИ во Париз. Надвор од првите тројца е и минатогодишниот вицешампион, Русинот Данил Медведев, кој сѐ уште го очекува вториот гранслем, додека финалистот на Ролан Гарос, Германецот Александар Зверев исто така е еден од кандидатите за победа.
Кај тенисерките, Белорусинката Арина Сабаленка е кандидатка за вториот гранслем во годината. Американката Коко Гоф лани незаборавно ја освои титулата на Флешинг Медоус, но неодамна се мачеше, губејќи во второто и третото коло на турнирите во Канада и Синсинати. Џесика Пегула, родена во Бафало, Њујорк, исто така има шанси да победи, иако ќе мора да се потруди многу повеќе. Светскиот рекет број еден Ига Швјонтек од Полска секогаш е закана, додека во комбинација ќе бидат и носителката на злато од ЛОИ во Париз Женг Чинвен од Кина и шампионката на Вимблдон, Барбора Крејчикова од Чешка.
Но повредите, болестите и префрлањето од трева на земјена подлога ќе влијаат негативно на голем број учесници.
– Од женската страна, тоа е многу отворено прашање. Мислам дека сите се малку уморни. Не можам да кажам во моментов кој ќе победи со кое било убедување – рече поранешниот женски рекет број еден во светот и аналитичарка на ЕСПН, Американката Крис Еверт. Г.И.