Фото: ЕПА

Со победата на турнирот во Женева, Ѓоковиќ сега има 100 титули и им се придружи на Конорс (109 победи) и на Федерер (103) како единствени тенисери во опен-ерата (од 1969 година) што освоиле барем 100 титули

ТЕНИС – СО ОСВОЕНАТА СТОТА ТИТУЛА

Новак Ѓоковиќ го додаде најновото историско достигнување во својата ѕвездена кариера во саботата, на турнирот во Женева (Швајцарија), каде што ја освои својата стота АТП-титула, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Тој во мечот за трофејот го победи Хуберт Хуркач со 5-7, 7-6, 7-6 на турнирот од серијата АТП 250 на земјена подлога.
Со својата победа во Женева, Ѓоковиќ им се придружи на Џими Конорс (109 победи) и на Роже Федерер (103) како единствени тенисери во опен-ерата (од 1969 година) што освоиле 100 или повеќе титули, пишува АТП. Ѓоковиќ првпат триумфира во 2006 година, кога во финалето го победи сегашниот тренер на Хуркач, Николас Масу.
Конорс прв ја достигна границата од 100 титули, постигнувајќи го тој подвиг во 1983 година, кога ја освои својата петта и последна круна на САД опен на 31-годишна возраст, неговата 109-та титула ја освои во Израел во 1989 година, а официјално ја заврши кариерата на 43-годишна возраст во 1996 година, пишува АТП. Патувањето на Федерер до 100 титули беше обележано со доминација, издржливост и неверојатна способност да еволуира со играта, а тој освои повеќе од 10 трофеи во три последователни сезони од 2004 до 2006 година. Стотата титула ја освои во Дубаи, во 2019 година, пред да триумфира на уште три турнири таа година, а 103-та беше на турнирот во родниот Базел.
Ѓоковиќ стана првиот човек во опен-ерата што освоил трофеј во 20 различни сезони, тој е лидер на сите времиња во недели како број 1 во рангирањето на АТП (428), прво место на крајот на годината на АТП-листата (осум пати), во бројот на гранслем-титулите (24), трофеите на АТП мастерс-турнирите од серијата 1.000 (40), титулите на АТП-финалињата (седум)…, пишува АТП.
Вчера почна вториот гранслем-турнир годинава, Ролан Гарос во Париз (Франција). Н.М.


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Џими Конорс 109
Роже Федерер 103
Новак Ѓоковиќ 100
Иван Лендл 94
Рафаел Надал 92
Извор: АТП


СТОТЕ ТИТУЛИ НА ЃОКОВИЌ

ГОД. ТРОФЕИ
2006 2
2007 5
2008 4
2009 5
2010 2
2011 10
2012 6
2013 7
2014 7
2015 11
2016 7
2017 2
2018 4
2019 5
2020 4
2021 5
2022 5
2023 7
2024 1
2025 1