Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ во ексклузивно интервју за „Би-би-си“ зборуваше за ситуацијата со вакцинацијата, односно за сагата по која беше депортиран од Австралија и на крајот испрати порака дека не се планира да се вакцинира доколку тоа е услов за учество на турнирите, без разлика дали тоа би значело и губење на трофеите. Тој рече дека попрво би ги пропуштил идните тениски трофеи отколку да биде принуден да се вакцинира против ковид-19.
– Не сум антиваксер, но ќе ги жртвувам трофеите ако ме присилат да се вакцинирам – рече меѓу другото Ѓоковиќ.
Тој потврди и дека е подготвен да се откаже од шансата да стане статистички најдобар тенисер на сите времиња.
– Бидејќи принципите на донесување одлуки за моето тело се поважни од која било титула или што било друго. Се трудам да бидам во склад со моето тело што е можно повеќе. Никогаш не сум бил против вакцинација. Разбирам дека на глобално ниво сите се обидуваат да вложат големи напори за да се борат против овој вирус, се надевам ќе го видиме крајот на овој вирус наскоро – порача српскиот тенисер.