Тој нема никаква поврзаност со противниците на вакцинацијата и речиси две години ниту еднаш отворено не ги поддржа нивните идеи. Но, што се однесува до австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук и неговата влада, најдобриот на сите времиња сега е симбол на опасното убедување, се наведува во колумната на Чип Легранд за австралиски „Ејџ“
Новак Ѓоковиќ дојде во Австралија во обидот да стане најдобриот тенисер на сите времиња, а ја напушта под оружено приусуство како непожелен туѓинец и икона на антиваксерското движење, пишува Чип Легранд во неговата колумна за австралиски „Ејџ“.
Како што името и ликот на српскиот тенисер се глобално препознатливи и користени од бројните спонзори, сега без дозвола на Ѓоковиќ, се употребени од антиваксерите кои, како и тој, веруваат дека не треба да се имунизираат.
Тој нема никаква поврзаност со противниците на вакцинацијата и речиси две години ниту еднаш отворено не ги поддржа нивните идеи. Но, што се однесува до австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук и неговата влада, најдобриот на сите времиња сега е симбол на опасното убедување.
Австралиската влада преку нејзините правни претставници двапати во текот на последното судско рочиште истакна дека самото присуство на Ѓоковиќ во Австралија претставува неодговорна порака која може да води кон ширење на заразата на ковид-19.
– Тој стана икона на антиваксерските групи. Правично или не, се смета дека тој го поддржува антиваксерскиот став – кажа еден од адвокатите кои ја застапуваа австралиската влада.
Ѓоковиќ на тој начин им се придружи на негирачите на Холокаустот, осудените криминалци и политички екстремисти кои беа остро запрени на австралиските граници, како што наведува Легранд.
А колку силна и да беше неговата одбрана, правниот тим на Ѓоковиќ имаше мали шанси да ја спречи владата во нејзината намера. Следен предизвик за српскиот тенисер ќе биде барањето да му биде овозможено да се врати на неговиот омилен гранслем-турнир во следните три години. Доколку воопшто сака да се врати по се што му се случи, заклучува авторот.
Дел од светските медиуми сметаат дека укинувањето на визата на Ѓоковиќ е политичка одлука, која нема врска со заштита на јавното здравје, како што тврдеше австралиската влада, која на овој начин се обиде да ги сокрие нејзините недостатоци во справувањето со пандемијата на ковид-19.