Фото: „Нова Македонија“

ОДБОЈКА – ПО ЖДРЕПКАТА ЗА ЕП 2026

  • Македонија е во групата Б и ќе игра со европскиот шампион Полска, светскиот вицепрвак Бугарија, Украина, Португалија и со Израел. Првите четири репрезентации од секоја група ќе се пласираат во осминафиналето

Македонија на Европското првенство влегува без еуфорија и големи очекувања како што беше во 2023 година кога бевме организатори, но имавме среќа и во ждрепката, а во групата имавме две репрезентации што беа со послабо рангирање од нас. На ова ЕП Македонија влегува како најслабо рангирана селекција и верувам дека сите противници во групата на нас гледаат како на тотален аутсајдер. Добивме тешка група со два изразени фаворита, Бугарија и Полска. Украина, особено Португалија, која играше во осминафиналето на Светското првенство и ја елиминира Куба, и Израел се противници со кои ќе водиме голема битка и никој не може да ни забрани да сонуваме за осминафинале. Само да сме здрави и сплотени, изјави најдобриот македонски одбојкар и капитен на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев, по ждрепката на групите за Европското првенство во 2026 година, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија на претстојното 34. ЕП, ќе игра во групата Б, заедно со селекциите на Бугарија, Полска, Украина, Португалија и на Израел. Тоа значи за ривали ќе ги има европскиот првак Полска и светскиот вицепрвак Бугарија, што секако претставува тешка група за избраниците на македонскиот селектор Јошко Миленкоски.
Ова е епилогот од саботната ждрепка во италијанскиот град Бари. Пред почетокот на ждрепката, секој од домаќините имаше право да избере по еден противник во групната фаза, а Бугарија ја избра Македонија. ЕП 2026 ќе се игра од 10 до 27 септември 2026 година, во четири земји со учество на 24 селекции.
Италија е носител на групата А, натпреварите ќе ги игра во Неапол, Модена, Торино и во Милано. Бугарија ќе биде носител на групата Б, во Варна, Финска во Тампере ќе ги дочека конкурентите во групата Ц, а Романија во групата Д ќе ги игра мечевите во Клуж. Осминафиналните и четвртфиналните дуели треба да се играат во Торино и во Варна, а полуфиналните натпревари и мечевите за медали се закажани во Милано.
Групата е исклучително тешка, домаќинот Бугарија со новата генерација неодамна го освои второто место на Светското првенство (СП), Полска е актуелен европски првак и третопласирана на годинашниот Мундијал, Португалија играше во нокаут-фазата на СП 2026. Македонија на средбите со Украина и со Израел ќе ја бара шансата за пласман во осминафиналето. Првите четири репрезентации од секоја група ќе се пласираат меѓу 16-те најдобри селекции на ЕП 2026.

– На ЕП 2026 ќе влеземе со една поинаква „математика“, да си ја играме нашата игра и да сонуваме. Искусни сме, веќе имаме три европски првенства зад нас и знаеме како е и да се победува и да се губи. На претходното ЕП игравме и осминафинале и од тоа имаме искуство. Напоменав дека групата е тешка, но имаме шанси за нешто историско. Без еуфорија, со многу работа и посветеност и да бидеме најдобри кога ќе биде најпотребно. Потешко можеше, а можеше да биде и полесно, но самото тоа што сме на уште едно ЕП носи големо задоволство – рече Ѓоргиев, пренесе ОФМ.
Новиот европски првак ќе се пласира на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2028 година во Лос Анџелес (САД). Македонската репрезентација четврти пат во низа ќе игра на континенталните првенства, по настапите на шампионатите во 2019, 2021 и во 2023 година, кога се пласира во осминафиналето.
Од репрезентациите во групата Б, селекцијата на Бугарија досега има 31 учество на ЕП, Полска 28, Украина и Португалија по седум, Израел четири, додека Македонија три учества, и тоа во 2019 (17. место), 2021 (23.) и 2023 (16.). Медали на ЕП од оваа група освојувале Полска (две злата, пет сребра и четири бронзи) и Бугарија (едно сребро и пет бронзи). Г.И.


ЕП 2026, МАЖИ

ГРУПА А: Италија, Шведска, Словенија, Чешка, Грција, Словачка
ГРУПА Б: Бугарија, Македонија, Полска, Украина, Португалија, Израел
ГРУПА Ц: Финска, Естонија, Србија, Белгија, Холандија, Данска
ГРУПА Д: Романија, Летонија, Франција, Германија, Турција, Швајцарија