Фото: ЕПА

Од 1970-тите наваму, кога Источна Германија почна да освојува многу медали, западногерманските политичари почнаа да ја шират пораката дека и спортистите од Западна Германија треба да освојуваат медали, вели Летиција Паоли, која во 2009 година претседаваше со комитетот што ја истражуваше западногерманската допинг-активност на Универзитетот во Фрајбург

Сите овие лекови се безопасни. Сите спортисти ги земаат. Навистина не е ништо посебно – така еднаш ѝ кажала на мајка си германската атлетска седмобојка Биргит Дресел, која завршила деветта на ЛОИ во 1984 година.
За жал, тие зборови не можеа да бидат подалеку од вистината. На 8 април 1987, по земањето лекови против болки во грбот, Дресел доживеала алергиско-токсичен шок. По два дена агонија во болницата во Мајнц, таа починала на 26 години. Обдукција открила траги на повеќе од сто лека во нејзиниот организам, вклучувајќи и анаболни стероиди што ги земала со години, додека нејзината медицинска историја покажала дека во текот на нејзината спортска кариера ѝ биле инјектирани најмалку 40 различни супстанции, при што само еден лекар ѝ дал 400 инјекции. Во последните години таа станала многу зависна од лекови на рецепт за да се натпреварува и да живее без болка. Нејзиниот напорен режим на тренирање го турна нејзиното тело до работ, а до моментот на нејзината смрт таа чувствувала болки во колкот и во ’рбетниот столб, оштетување на дисковите и спојување на ’рбетните пршлени, поместување на карлицата, дегенерација на двете колена и вдлабнати лакови во нејзините стапала. За да се бори против болката, таа наводно земала девет таблети дневно, како и лекови што ѝ ги давале тројца одделни лекари. Смртта на Дресел беше застрашувачки пример за тоа колку далеку ќе одат луѓето за да продолжат по успеси.
По повторното обединување на Германија во 1990 година, ризницата на документи што ги чуваше тогаш непостојната источногерманска тајна полиција Штази го откри она во кое многумина се сомневаа со децении. Источна Германија спроведе државно спонзорирана систематска операција за допинг што доведе до спектакуларен спортски успех. Наводите за допинг од Источна Германија драстично се зголемија во текот на 1980-тите.
– Од 1970-тите наваму, кога Источна Германија почна да освојува многу медали, западногерманските политичари почнаа да ја шират пораката дека и спортистите од Западна Германија треба да освојуваат медали. Тие не можеа да си дозволат да изгледаат полошо од Истокот. Медалите се сметаа како показател за политички и економски успех – вели Летиција Паоли, која во 2009 година претседаваше со комитетот што ја истражуваше западногерманската допинг-активност на Универзитетот во Фрајбург.

ИСТОЧНОГЕРМАНСКИОТ ДОПИНГ-СИСТЕМ СЕОПФАТЕН

Источногерманскиот допинг-систем беше систематски и сеопфатен. Досиејата на Штази открија дека првичната аматерска програма за допинг била трансформирана во 1974 година, наречена како „Државен истражувачки план 14.25“, вели Паоли.
Планот наложил допинг во сите спортови што можат да донесат слава.
– Режимот за тренирање беше тежок. Трениравме трипати на ден, а кога не трениравме правевме физиотерапија, сауна и јога за да закрепнеме. Бевме како добро одгледани коњи што чекаат да се тркаат. Како млади, спортот ни беше единствениот начин да го видиме светот. Ни даваа разни таблети во сребрена фолија, но немаше информации за нив, освен што многу се потевме додека се натпреварувавме – вели Инес Гејпел, поранешна источногерманска атлетичарка и авторка на книгата „Зад ѕидот“, во која е детално е опишано нејзиното спортско искуство од студената војна во Источна Германија.
Благодарение на обновените документи, Гејпел сега знае дека првенствено добивала анаболичен стероид наречен орален туринабол. Одбивањата или прашувањата доведуваа до повлекување на атлетското спонзорство и црна дамка во досиејата на Штази. Тоа, пак, можеше да влијае на нивното вработување, домување или бенефиции. Гејпел ја почувствувала целата тежина на Штази кога официјалните лица ги откриле нејзините планови да остане во Лос Анџелес по ЛОИ 1984. По враќањето во Источна Германија, таа беше исфрлена од спортот и за многу нејзини сонародници, стана негативна личност.
– Ако избегавте, ве гледаа како предавник. Прво сакаа да ми најдат маж во ГДР, потоа да ме принудат да му се посветам на Штази, но не го направив тоа. Последната фаза, кога не видоа друга опција, беше да ме оперираат. Ми ги исекоа мускулите во стомакот за да не можам да трчам и да немам начин да стигнам до остатокот од светот. Сето тоа е во досиејата – вели Гајпел, која во 1989 година побегна на Запад преку Унгарија, ползејќи преку силно чуваната граница.
Еден ден пред Тур де Франс 2006, експлодира нов допинг-скандал. Велосипедистот Јан Улрих, победникот од 1997 година, одеше на прес-конференција кога ја прими веста дека користел допинг и беше отпуштен од тимот.
На друго место, во клиниката на лекарот Еуфемиано Фуентес, откриен е фрижидер со 186 ќеси крв, означени со кодни имиња на спортисти, заедно со сложени машини за манипулирање и трансфузија на крв. Истрагите во неговиот тим со седиште во Германија, подоцна открија допинг вреден повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 1990-ти. Двајца тимски лекари, Андреас Шмид и Лотар Хајнрих, ја признаа нивната вмешаност во долгорочниот допинг.
Според извори што ги видела формираната комисија, 90 отсто од западногерманските атлетичари во 1970-тите и 1980-тите минувале низ Фрајбург, иако можеби никогаш нема да се знае колку се допингувани. Јасно е само дека Кеул и Клумпер одиграле витална улога во спортските успеси на Западна Германија, а потоа и на цела Германија.
– Спортистите го сакаа Клумпер. Тој беше одличен со својата дијагностика и одеше на патеката и на теренот за да минува многу време со нив, додека Кеул беше повеќе оддалечен – вели Паоли.
Докази за вмешаност на Клумпер во допингот се и неговите озлогласени „Клумпер коктели“, споменувани повеќепати од поранешни спортисти.
– Тоа беа мешавини од лекови без етикета, допинг-производи и природни лекови, кои наводно биле приспособени за поединечни спортисти – вели Паоли.
Една таква спортистка била и Дресел, која редовно го посетувала Клумпер. Нејзината последна посета на Фрајбург била на 24 февруари 1987, речиси три месеци пред нејзината смрт, каде што наводно тој ѝ дал коктел со 15 супстанции. До крајот на 1980-тите, голем број спортисти од Западна Германија, вклучувајќи ги и фрлачот на диск Алвин Вагнер и спринтерот Манфред Омер, отворено се поврзуваат со Клумпер, кој почина во 2019 година.

НАРУШЕН НАРАТИВОТ ЗА ДОБЛЕСНА ЗАПАДНА ГЕРМАНИЈА

Наративот за доблесна Западна Германија, која излезе како победник од „студената војна“ во спортот, беше нарушен кога колегите на Т-мобиле и на Кеул од Фрајбург беа фатени во скандалот со допингот на Тур де Франс во 2006 година. Во август 2013 тој беше уништен со извештајот нарачан од германското министерство за спорт и спроведен од истражувачи од универзитетот „Хумболт“ во Берлин и Универзитетот во Мунстер, за допингот во Германија од 1950 година до денес, кој се појави во различни германски весници. Извештајот бил силно преправен поради правни прашања и загриженост за приватноста, но беше доволно јасен во тврдењето дека допингот бил широкораспространет на двете страни по поделбата на Германија и продолжил по нејзиното повторно обединување. Во извештајот се наведува дека шокантната победа на Западна Германија над Унгарија во финалето на СП во фудбал во 1954 година била поттикната од первитин и метамфетамин, кои ја зголемуваат енергијата. Прашања беа отворени и за СП во Западна Германија 1966, на кое тие стигнаа до финалето, но загубија од Англија (2-4). Извештајот откри дека функционерот на ФИФА, Михаило Андрејевиќ, со писмо го информирал претседателот на Германската атлетска асоцијација, Макс Данц, дека кај тројца германски фудбалери бил пронајден ефедрин, стимулатор на централниот нервен систем. Универзитетот во Фрајбург, кој некои делови од привремената работа на тимот ги стави достапни на интернет, изјави за „Би-би-си спорт“ дека е „посветен на доследно и транспарентно разјаснување на минатото околу спортската медицина во Фрајбург“. Г.И.