ТАЕКВОНДО – „СКОПЈЕ ОПЕН – РАМУС 2026“
- Oвој успех првенствено е показател дека добро сме го искористиле периодот на подготовките во Крушево, како и тимската работа тука во Скопје. Патем и ни најавува дека сме конкурент за медал и на Европското првенство во Минхен, вели селекторот на македонската таеквондо-репрезентација, Борче Костовски
Македонскиот таеквондист и репрезентативец, член на ТК Бутел од Скопје и носител на олимписко сребро на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2021 година, Дејан Георгиевски, предводен од својот тренер Борче Костовски, повторно блесна на татамите. Овој пат тој прикажа врвни борби и го освои златниот медал во тежинската категорија над 87 кг на вториот натпреварувачки ден на силниот меѓународен турнир „Скопје опен – Рамус 2026“ од серијата Г1, што е извонреден успех и уште еден показател дека Георгиевски спаѓа во самиот врв на светското сениорско таеквондо.
– Од мојот настап сум презадоволен, одработив четири одлични борби и сите противници беа врвни таеквондисти. Златниот медал многу значи пред Европското првенство, кое ни претстои во мај, бидејќи ќе имаме подобра позиција на ждрепката, а повеќе ми значи оти видов до каде сум со мојата форма и што треба да поправам до тогаш. А формата оди нагоре, одржавме едни подготовки во Крушево пред овој турнир, а пред настапот на Европското првенство планираме уште едни подготовки за да ја кренеме формата за уште некое ниво погоре – ни изјави Георгиевски.
Георгиевски имаше четири победи. Прво беше совладан Абдула ал Магди од Австрија, потоа европскиот шампион Иван Шапина од Хрватска, во полуфиналето беше поуспешен и од бронзениот светски медалист, Хрватот Пашко Божиќ и во големото финале го победи Илиа Рудерман од Израел.
– Георгиевски со овој успех освои уште 10 нови олимписки поени. Секоја победа е значајна, како и секој пораз, секако. Крајната цел е, сепак, побитна од двете. Врвниот спорт е конструкт каде што се работи во сегашност, а погледот е во иднина. Овој успех првенствено е показател дека добро сме го искористиле периодот на подготовките во Крушево, како и тимската работа тука во Скопје.
Патем и ни најавува дека сме конкурент за медал и на Европското првенство во Минхен, од 9 до 12 мај. Нови подготовки секако ќе има. Што се однесува до другите македонски сениори и сениорки, за жал, не освоија медали. Милијана Рељиќ мора да ја санира повредата. Но треба да се напомене и тоа дека Ана Марија Георгиевска по двегодишна пауза настапи мошне добро против светска шампионка, а првата рунда беше и многу неизвесна – ни рече селекторот на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на ТК Бутел, Борче Костовски.
На првиот натпреварувачки ден на овој турнир, македонските таеквондисти во кадетска и во јуниорска конкуренција освоија три сребрени и два бронзени медали, што, секако, претставува успех. Во СЦ „Борис Трајковски“ со сребро се закитија Душица Бреслиева, Ведрана Тунески и Ненад Целески, а со бронзи Теодор Стојановски и Антонио Негријевски. На турнирот, кој носеше бодови за олимписка норма, учествуваа над 1.000 натпреварувачи од 41 држава и помина во одлична организација. Г.И.
































