Првпат младинските шампионати се одржаа во град во Источна Македонија, во Струмица. Првпат шампион до 16 години стана шахист од Валандово, Ефе Ибраимов, член на ШК 7. Ноември од Гевгелија без ФИДЕ-рејтинг. Шаховската школа на Гамбит, која ја претставуваа Гамбит Асеко СЕЕ, Центар и Капабланка, првпат освои вкупно девет златни, четири сребрени и шест бронзени медали, вели тренерот на школата Гамбит, ИМ Орце Данчевски

ШАХ – ПОЕДИНЕЧНИ ПРВЕНСТВА НА МАКЕДОНИJA ЗА МЛАДИ

Во Струмица заврши Првенството на Македонија за млади (до осум, 10, 12, 14, 16 и до 18 години) во машка и во женска конкуренција, најуспешен клуб е ШК Гамбит Асеко СЕЕ, кој освои шест први места, а најуспешна е шаховската школа на Гамбит, која освои вкупно 19 медали, од кои девет златни, четири сребрени и шест бронзени. Клубовите од школата на Алкалоид освоија седум медали, од кои две злата, три сребра и две бронзи, а 7. Ноември од Гевгелија освои еден златен медал.
Поединечно во листата со клубови чии поединци освоија медали на ова првенство се и домаќинот на овој шампионат ШК Цареви Кули со три сребрени, ШК Куманово со по еден сребрен и бронзен, ШК Шах-Шех со еден сребрен, ЖШК Прилеп со две бронзи и ШК Неготино со еден бронзен медал. Што се однесува на бројот на учесници во последните три години, во 2022 година настапиле вкупно 101 учесник, од кои 24 девојчиња и 77 момчиња, во 2023 година вкупно 154, од кои 33 шахистки и 121 шахист, а годинава вкупно 124, од тоа 31 шахистка и 97 шахисти.
– Првпат младинските шампионати се одржаа во град во источна Македонија, во Струмица. Првпат шампион до 16 години стана шахист од Валандово, Ефе Ибраимов, член на ШК 7. Ноември од Гевгелија без ФИДЕ-рејтинг. Шаховската школа на Гамбит, која ја претставуваа клубовите Гамбит Асеко СЕЕ, Центар и Капабланка, првпат освои вкупно девет златни, четири сребрени и шест бронзени медали. Вкупно 13 деца ќе можат да настапат на младинско европско или светско првенство. Голем број деца од Струмица, Валандово, Гевгелија се вклучија во првенството и со сигурност бројот на нови деца од септември во овие градови, кои ќе се зачленат во шаховските клубови, ќе биде значајно зголемен. Заради сето тоа, одлуката да се префрли шампионатот да се игра во Струмица е вистински потег. Би додал дека во иднина првенствата би требало да се одвиваат во Источна и во Западна Македонија, како и во Скопје – вели реномираниот шаховски тренер на шаховската школа Гамбит, ИМ Орце Данчевски.
Во однос на победниците, кај девојчињата до осум и до 10 години има нови шампионки на Македонија, до 12 и 14 години се шахистки што и лани биле првенки, но во една категорија помлади (10 и 12), а до 16 и 18 години шампионките ја одбранија титулата од лани. Кај момчињата имаме нови прваци во категориите до осум, 12, 14 и до 16 години. До 10 и до 18 години прваци се момчињата што беа први и лани, но во една категорија подолу, односно триумфираа до осум и до 16 години. Г.И.


ШАМПИОНИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 Г.

КАТ. ШАХИСТ
до 8 год. Бенјамин Брнс (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 10 год. Ахмет Селим Абдурахман (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 12 год. Павел Крстевски (Капабланка)
до 14 год. Андреј Иванов (Мулти Есенс)
до 16 год. Ефе Ибраимов (7. Ноември)
до 18 год. Антон Златков (Гамбит Асеко СЕЕ)

ШАМПИОНКИ НА МАКЕДОНИЈА ЗА 2024 Г.
КАТ. ШАХИСТКА
до 8 год. Софија Беловска (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 10 год. Андреа Цветановска (Гамбит Асеко СЕЕ)
до 12 год. Илијана Велева (Алкалоид)
до 14 год. Елисавета Брнс (Капабланка)
до 16 год. Моника Жежовска (Центар)
до 18 год. Инџи Ајрадиноска (Гамбит Асеко СЕЕ)