Формула 1 потврди дека ќе спроведе поефикасен систем за генерирање енергија викендов, за време на трката за големата награда на Австрија, обезбедувајќи приближно 90 отсто намалување на јаглеродот во работата, во споредба со минатогодишната трка во Австрија. „Ф1 е сериозна да користи иновации за да создаде поодржлив спорт и да има значајно влијание врз поширокиот свет“, вели Елен Џонс од Формула 1

Формула 1 (Ф1) се враќа во Европа за утрешната трка за големата награда на Австрија, а форматот со спринт-трка (денеска) во игра е вторпат сезонава. Формула 1 потврди дека ќе спроведе поефикасен систем за генерирање енергија викендов, обезбедувајќи приближно 90 отсто намалување на јаглеродот во работата, во споредба со минатогодишната трка во Австрија, пишува Формула 1. Испитувањето се спроведува бидејќи Ф1 продолжува да истражува одржливи решенија за големи настани во иднина, како дел од нејзината поширока стратегија да достигне нула јаглеродна емисија до 2030 година.
На настанот во Спилберг ќе се користи систем со ниска содржина на јаглерод за напојување на сите гаражи и моторни куќи што им припаѓаат на тимовите Ф1, тимовите и на ФИА. Енергетскиот систем ќе произведува доволно енергија за да ги задоволи врвните и континуираните потреби за време на тркачкиот викенд и ќе се напојува од поодржливи извори, вклучувајќи хидротретирано растително масло биогориво и 600 м2 соларни панели на внатрешното поле на последниот агол на патеката, кој ќе обезбеди околу 2,5 мв/ч. енергија на целиот настан, пишува Ф1. Испитувањето ќе ѝ овозможи на Формула 1 да собира и анализира клучни податоци што би можеле да доведат до попрецизен систем што ќе биде воведен на идните настани. Тоа го означува најновиот развој на Ф1 за да се придвижи кон користење позелени енергетски операции за време на тркачки викенди.
– Како што покажавме, со напредокот постигнат на нашите одржливи горива, Ф1 е сериозна да користи иновации за да создаде поодржлив спорт и да има значајно влијание врз поширокиот свет. Иако функционирањето на новиот енергетски систем во Австрија засега е само пробно, тоа ја покажува намерата на спортот да продолжи да истражува повеќе начини за да ги направи нашата логистика и операции поефикасни, со потенцијал да ги сподели тие учења со други големи настани – вели Елен Џонс од Формула 1.
Макс Ферстапен на претходната трка, во Канада ја забележа 41-та победа во кариерата и сега, по осум трки сезонава, води со 195 поени, а потоа се Серхио Перез со 126, Фернандо Алонсо со 117, Луис Хамилтон со 102… Кај тимовите води Ред Бул со 321 поен, а потоа се Мерцедес со 167, Астон Мартин со 154, Ферари со 122… Н.М.


Ф1-патека со најмалку свиоци

Патеката за утрешната трка во Формула 1 (Ф1), за големата награда на Австрија, има најмалку свиоци во календарот на Ф1, само 10. Патеката е долга 4,318 км, а најбрзо ја извозе Карлос Саинц во 2020 година, со време 1:05,619 минута.