Синер (лево) е актуелен број 1, а Ѓоковиќ е рекордер според бројот на недели на врвот на АТП-листатa / Фото: ЕПА

Само 29 играчи го имаа она што е потребно за да го обезбедат местото број 1, не само впечатлив талент туку и ниво на издржливост, самодоверба и посветеност, на што се восхитуваат многу подалеку од тенисот. Клубот бр. 1 на АТП е прослава на спектакуларните начини на кои овие играчи ја обликуваа играта, изјави Андреа Гауденци, претседател на АТП. Сите што биле број 1 ќе добијат ексклузивни бенефиции и ќе бидат официјално одликувани на ревијален настан на АТП-финалето в година

Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) го претстави „Клубот АТП број 1“, кој првпат во над 50-годишната историја на официјалните рангирања ќе ги обедини сите поранешни, сегашни и идни играчи на светот број 1 на ранг-листата на АТП. Иницијативата, претставена на АТП-финалето што се игра во Торино, ќе го прослави најзначајното достигнување во машкиот професионален тенис, достигнувањето на врвот на АТП-рангирањето. Клубот бр.1 на АТП во моментов обединува ексклузивна група од 29 играчи низ повеќе генерации, од Настасе и Њукомб до Борг и Мекинро, до Федерер, Надал и Ѓоковиќ, до Алкараз и Синер, а идните број 1 директно ќе влезат во овој клуб.
– Стигнувањето на врвот на рангирањето е врвното достигнување во нашиот спорт. Само 29 играчи го имаа она што е потребно за да го обезбедат местото број 1, не само впечатлив талент туку и ниво на издржливост, самодоверба и посветеност, на што се восхитуваат многу подалеку од тенисот. Клубот бр.1 на АТП е прослава на спектакуларните начини на кои овие играчи ја обликуваа играта. И, со љубителите на тенисот во фокусот на сѐ што правиме, тоа создава спектакл чија цел е да ги доближи до играчите што ги сакаат поблиску од кога било – изјави Андреа Гауденци, претседател на АТП.
Преку оригиналното раскажување приказни, љубителите на тенисот ќе можат да останат поврзани со овие големи шампиони, додека слават едно од најретките достигнувања во сите спортови, освојувањето на првото место на рангирањето, пишува АТП.
– Ништо не се споредува со достигнување на врвот на рангирањето на АТП. Тоа е она кон што се стремите како тенисер, да бидете најдобри, да немате никој над вас – рече Карлос Алкараз, пренесе АТП.
Во 2025 година Клубот ќе подготви посветен идентитет на брендот, при што секој играч што бил број 1 ќе добива ексклузивни бенефиции, вклучувајќи покани за специјални настани, промотивни можности и многу повеќе.

– Многу малку играчи успеаја да стигнат до првото место. Треба да бидете способни да играте на највисоко ниво, недела по недела. Тоа е она што го прави Клубот бр.1 толку посебен, тоа е можност да се собереме и да го прославиме сето она што го постигнавме – изјави Даниил Медведев, пренесе АТП.
Како значајна прослава на новиот Клуб број 1, сите 29 играчи ќе бидат официјално одликувани на ревијален настан на АТП-финалето в година, а на секој играч ќе му биде доделен подарок за да го одбележи своето членство.
– Да се стане број 1 е детски сон. Чест е да седам меѓу великаните на нашиот спорт како дел од Клубот бр.1, а секој од нас донесе нешто уникатно во играта – вели Јаник Синер, пренесе АТП.
Досега бр. 1 биле Илие Настасе, Џон Њукомб, Џими Конорс, Бјорн Борг, Џон Мекинро, Иван Лендл, Матс Виландер, Стефан Едберг, Борис Бекер, Џим Куриер, Пит Сампрас, Андре Агаси, Томас Мустер, Марсело Риос, Карлос Моја, Евгениј Кафелников, Патрик Рафтер, Марат Сафин, Густаво Куертен, Лејтон Хјуит, Хуан Карлос Фереро, Енди Родик, Роже Федерер, Рафаел Надал, Новак Ѓоковиќ, Енди Мареј, Даниил Медведев, Карлос Алкараз и Јаник Синер. Н.М.