Сребрениот медал го освои Французинот Жоан Кларе (41), кој стана најстариот човек што се закити со олимписки медал во алпско скијање
Швајцарецот Биат Фојц (34) освои уште еден голем трофеј што му недостигаше во богатата колекција, златниот медал во спуст на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг. Фојц се закити со сребрен медал во супервелеслалом и со бронзен во спуст на Игрите во Пјонгчанг во 2018 година. Тој беше светски првак во спуст во 2017 година, четирикратен победник е во спуст во Светскиот куп (СК), со 45 искачувања на победничкиот подиум во најбрзата дисциплина.
– Не можам да замислам ништо поубаво од тоа да одлетам дома со златен медал околу вратот. Времето беше совршено, без ветер, а јас се чувствував совршено на скиите, сѐ беше во најдобар ред. Олимписките игри се голема работа – изјави Фојц по триумфот.
Како второпласиран, сребрениот медал го освои Французинот, 41-годишниот Жоан Кларе, кој стана најстариот човек што се закити со олимписки медал во алпско скијање. Претходно најстар беше Американецот Боде Милер, кој имаше 36 години кога освои бронза во супервелеслалом во Сочи во 2014 година.
– Кога освојувате медал, не е важно дали имате 20 или 41 година. Тоа е олимписки медал, веќе е добро сеќавање – задоволно рече Клере.
Двократниот олимписки шампион во спуст и во супервелеслалом од Сочи во 2014-та, Матијас Мајер од Австрија го освои бронзениот медал.
Големиот фаворит, Норвежанецот Александер Амод Килде, водечки во оваа дисциплина во СК, заврши на петтата позиција, со задоцнување од половина секунда зад Фојц.
– Имав големи очекувања, но не помина 100 отсто како што планирав – изјави Килде.
Фојц моментално е втор во спуст во СК, неодамна победи на легендарната спуст-патека во Кицбил, Австрија, сега има златен медал и е меѓу фаворитите за уште еден медал, во супервелеслалом. За Швајцарија ова беше четврти златен медал во оваа дисциплина, прв по Игрите во Ванкувер во 2010 година, кога победи Дидие Дефаго.
Спустот првично беше закажан за изминатава недела, но беше одложен поради силниот ветар.