Фирузја постигна три победи на купот Синкфилд 2024, во Сент Луис (САД), со што го заврши турнирот без пораз, а во вкупниот пласман на Големата шаховска турнеја освои 53,58 бода, пред Каруана со 36,75, Вашер-Леграв со 27,33…
ШАХ
Велемајсторот (ВМ) Алиреза Фирузја од Франција триумфира на купот Синкфилд 2024, во Сент Луис (САД), со што стана и вкупен победник на Големата шаховска турнеја за годинава, откако во последното коло ремизира со Индиецот Рамешбабу Прагнананда. Тој по девет кола освои шест поени во конкуренција на 10 врвни шахисти, во класичен шах.
Фирузја постигна три победи (на дуелите со Фабиано Каруана, Динг Лирен и со Аниш Гири) и го заврши турнирот без пораз. По поразот во првото коло од победникот, Фабиано Каруана од САД се врати со три победи и го освои второто место со 5,5 поени, но и во вкупниот пласман за годинава. Нодирбек Абдусаторов од Узбекистан и Максим Вашер-Леграв од Франција славеа во последното коло на мечевите со Јан Непомнијашчи од Русија, односно со Лирен од Кина, па го поделија третото место со по пет поени. Актуелниот предизвикувач на светскиот првак, Индиецот Домарају Гукеш, ги ремизира сите девет партии и го подели петтото место со сонародникот Прагнананда и со Американецот Весли Со, сите со по 4,5 поени. Лирен и Непомнијашчи освоија по 3,5 поени, а последен е Холанѓанецот Гири со три поени.
Во вкупниот пласман на Големата шаховска турнеја, прв е Фирузја (53,58 бода), пред Каруана (36,75), а трет е Вашер-Леграв (27,33). Досегашни победници на оваа турнеја (која од главните настани ги вклучува турнирот во Норвешка и во Лондон и купот Синкфилд), која се игра од 2015 г., се Магнус Карлсен (во 2015 година), Со (2016 г.), Карлсен (2017 г.), Хикару Накамура (2018 г.), Лирен (2019 г.), Со (2021 г.), Фирузја (2022 г.) и Каруана (2023 г.). Г.И.