Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предвидени се партии во забрзан шах, како и онлајн тренинг, групен разговор, онлајн симултанки и анализа на мечеви со велемајстори, пишува ФИДЕ, која најавува и дека сите учесници автоматски ќе бидат вклучени во извлекување награди по случаен избор

Светската шаховска федерација (ФИДЕ), во партнерство со Lichess.org, ги поканува љубителите на шахот од целиот свет да учествуваат на најголемиот турнир досега по повод Меѓународниот ден на шахот, со 24-часовен маратон во забрзан шах, в недела.
На платформата на Lichess.org ќе може да се играат партии во забрзан шах (пет минути плус три секунди), од полноќ на 20 јули до полноќ на 21 јули, а е отворено за играчи од кое било ниво на вештина, од сите временски зони, пишува ФИДЕ.
Светската шаховска федерација најавува и награди, откако сите учесници автоматски ќе бидат вклучени во извлекување награди по случаен избор, како, на пример, пет ваучери за присуство на свеченото отворање и првото коло на Шаховската олимпијада во 2026 година во Самарканд (вклучувајќи две ноќевања во хотел), 10 ваучери за стока од ФИДЕ во вредност од 100 евра и 20 фотографски книги „Шахисти“.
ФИДЕ за време на одбележувањето на Меѓународниот ден на шахот организира и „еден на еден“ онлајн тренинг во забрзан шах со велемајсторот Леи Тинџие и групен разговор (до 50 луѓе) со велемајсторот Ниџат Абасов за мотивациски увид и совети за подготовка за шах.
Исто така, ќе бидат организирани и онлајн симултанки со врвни велемајстори, Хампи Конеру, Прагнананда, Ваишали Рамешбабу, Тан Жонгји, Арџун Еригаиси, Валентина Гунина (со предавање), Аниш Гири и Ана Шукман (со предавање), како и анализа на мечеви со велемајсторот Ана Музичук, пишува ФИДЕ.
– Бидете дел од шаховската историја. Тоа е повеќе од само турнир, тоа е глобална прослава на играта што сите ја сакаме. Без разлика дали играте еден меч или сто, вие сте дел од движењето. Да го направиме 20 јули ден за паметење – пишува Светската шаховска федерација. Н.М.