Фото: Маја Јаневска-Илиева

Играчот што ќе освои барем 7,5 поени станува светски првак, а ако по 14 партии биде нерешено, ќе се игра т.н. тајбрејк. За титулата ќе играат актуелниот шампион, Кинезот Динг Лирен, и победникот на Турнирот на кандидатите, Индиецот Домарају Гукеш, од 20 ноември до 14 декември, во Сингапур

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) ги објави правилата за мечот за светски првак во Сингапур, од 20 ноември до 14 декември годинава, помеѓу актуелниот шампион, Кинезот Динг Лирен, и предизвикувачот, Индиецот Домарају Гукеш, кој победи на Турнирот на кандидатите за годинава. Според ФИДЕ, мечот ќе се состои од 14 партии со временската контрола од 120 минути за првите 40 потези, плус 30 минути до крајот на партијата, со дополнителни 30 секунди по секој потег, почнувајќи од 41-от, по играч. Тој што ќе освои барем 7,5 поени станува светски првак. Доколку резултатот по 14 партии е нерешен, тогаш ќе се играат партии со побрзо темпо на игра.
Наградниот фонд е 2,5 милиони долари, со посебна распределби врз основа на исходите од партиите. Секој шахист ќе добие 200.000 долари за секоја победа. Другите парични награди ќе бидат еднакво поделени помеѓу двајцата играчи. Доколку победникот се одлучи со дополнителни партии, паричната награда ќе биде поделена на тој начин што победникот ќе добие 1,3 милион долари, а поразениот 1,2 милион долари. Мечот за светски првак е еден од најважните и најгледани шаховски настани на глобално ниво. Се одржува секои две години, а настапуваат бранителот на титулата и предизвикувачот, избран преку квалификациски процес што кулминира со Турнирот на кандидатите, кој вклучува осум од најдобрите светски играчи. Актуелниот светски шампион Лирен ја обезбеди титулата победувајќи го Русинот Јан Непомниашчи во возбудлив меч со т.н. тајбрејк во Астана (Казахстан), во април 2023 година. Предизвикувач е 18-годишниот Гукеш, кој победи на Турнирот за кандидатите во Торонто (Канада) во април годинава и е најмладиот предизвикувач за титулата во историјата на шахот. Г.И.