Фото: ЕПА

Во 75 сезони на Формула 1, вкупно 783 возачи излегоа на стартната линија, 115 победија барем во една трка и 34 ја освоија титулата, но само шестмина станаа шампиони најмалку четири пати, Шумахер и Хамилтон имаат по седум, Фанџо пет, а Прост, Фетел и Ферстапен по четири

ФОРМУЛА 1

Макс Ферстапен се најде на најзначајните статистички табели во Формула 1 во претходните години и, со освојувањето на четвртата титула светски првак, му се приклучи на еден од ексклузивните клубови во историјата. Во период од само 1.079 дена Холанѓанецот тргна од трка по првата титула до тоа да стане еден од најуспешните возачи на сите времиња, пишува „Скај спорт“. Во 75 сезони на Формула 1, вкупно 783 возачи излегоа на стартната линија, 115 победија во барем една трка и 34 ја освоија титулата, но само шестмина станаа шампиони најмалку четири пати. Водат Михаел Шумахер и Луис Хамилтон со по седум, пет освои Хуан-Мануел Фанџо, а по четири имаат Ален Прост, Себастијан Фетел и Ферстапен.
Аргентинската ѕвезда Фанџо прв стигна до четири титули, во 1956 година. Поминаа 37 години пред некој да ја достигне таа граница, кога Французинот Прост стана шампион четврти пат. Шумахер трет на оваа листа се запиша во 2001 година, а 12 години подоцна неговиот сонародник и пријател Фетел го освои четвртиот трофеј. Хамилтон стана петти во овој клуб во 2017 година, а Ферстапен е шести што четири пати се искачил на врвот на тој спорт. Споредувањето на возачите и нивните статистики низ генерациите во Ф1, како и во повеќето спортови, е полно со тешкотии со оглед на многуте различни променливи во игра, но може да се направат некои споредби во текот на нивните први четири титули, пишува „Скај спорт“. Фетел е најмлад четирикратен првак, со 26 години и три месеци, а потоа се Ферстапен со 27 години и еден месец, Шумахер со 32 години и седум месеци, Хамилтон со 32 години и девет месеци, Прост со 38 години и седум месеци и Фанџо со 45 години и два месеца. Фанџо за шест сезони стигна до четвртата титула, Фетел седум, Ферстапен 10, Шумахер и Хамилтон по 11, а Прост 13 сезони.
Должината на сезоната растеше во текот на децениите. Кога Фанџо ја освои четвртата титула имаше само осум трки во таа сезона, во споредба со 24-те годинава, но во однос на процентот на освоени трки, првите четири титули на Ферстапен беа постигнати со највисока победничка стапка. Тој победи на 59 отсто од сите трки од почетокот на 2021 година, вклучувајќи рекордни 19 од 22 во минатата година. Од другите, на патот кон првите четири титули Фанџо имаше 57 отсто победи, Шумахер 54, Хамилтон 46, Фетел 44 и Прост 31 отсто, пишува „Скај спорт“. На табелата со вкупно победи води Хамилтон со 105 (од 354 трки), а потоа се Шумахер со 91 (306), Ферстапен со 62 (207), Фетел со 53 (299), Прост со 51 (199) и Фанџо со 24 (51). На рангирањето за вкупна стапка на победи во кариерата, Фанџо е прв со 47,06 проценти, пред Ферстапен со 29,95, Шумахер со 29,74, Хамилтон со 29,66, Прост со 25,63 и Фетел со 17,73.
Ферстапен со победата во Сао Паоло во почетокот на ноември годинава како 17-ти на стартот стана првиот возач во Ф1 што победил од 10 различни стартни позиции, еден повеќе од Фернандо Алонсо, пишува „Скај спорт“. Само тројца возачи победиле на трка од пониско стартно место. Ферстапен исто така постави нов рекорд, за најдолга непрекината низа на врвот на табелата во шампионатот за возачи. Шумахер беше прв на табелата 896 дена по ред (од 24 септември 2000 до 8 март 2003 година), но Ферстапен сега има повеќе од 900, откако неговата сегашна серија почна на 22 март 2022 година. Тој исто така ја почна сезоната со изедначување на серијата на Прост од седум пол-позиции по ред од почеток на сезона и израмнување на 35-годишниот рекорд на Аиртон Сена од осум пол-позиции по ред, пишува „Скај спорт“. Н.М.