Ферстапен рече „не“, кога беше прашан дали може да стигне до 400 извозени трки, ако се знае дека Фернандо Алонсо уште се трка на 43, а Луис Хамилтон на 39 години
ФОРМУЛА 1 – ПРЕД ТРКАТА ЗА ГН ВО ЗАНДВОРТ
Холанѓанецот Макс Ферстапен утре треба да ја започне својата 200-та трка во Формула 1-шампионатот (Ф1), и тоа пред своите холандски навивачи во Зандворт, со само 26 години. Но тројниот светски првак, кој има договор со тимот на Ред Бул до 2028 година, нема намера да го удвои резултатот. Ферстапен отворено рече „не“, кога беше прашан дали може да стигне до 400 трки во кариерата, бројка што сепак е на дофат, ако се знае дека Фернандо Алонсо уште се трка на 43, а Луис Хамилтон на 39 години.
Ферстапен го имаше своето деби во 2015 како најмлад возач во Ф1 на 17 години и 166 дена. Стана најмладиот победник на трка во 2016 години со 18 години и 228 дена, а е и најмладиот освојувач на поени и на подиум, како и најмлад што достигнал 200 трки, пишува „Ројтерс“.
– Тоа е, секако, веќе неверојатно возење, оти 200 не изгледа како 200, но се разбира дека сега правиме многу трки за една година, така што ги додавате многу брзо – вели Ферстапен.
Сезонава тој има рекордни 24 трки, многу повеќе од пред една деценија. Запрашан да избере значаен миг во кариерата, Ферстапен се реши за првата победа со Ред Бул во Шпанија, а потоа и првата шампионска титула во Абу Даби во 2021 година. Таа победа беше контроверзна, дојде по доцната промена на процедурата за безбедносното возило, додека Луис Хамилтон со Мерцедес иташе кон осмата титула. Ферстапен е непоразен во Зандворт, стартувајќи од пол-позицијата на сите три последни трки што се одржаа таму, откако патеката се врати во календарот во 2021, но очекуваше да се бори против тоа. Мерцедес победи на три од последните четири, а Мекларен може да има уште побрз болид, додека Ред Бул е во серија од четири порази.
– Не доаѓам овој викенд да кажам дека ќе победиме на трката. Сакам само да имам чист викенд, да го разберам автомобилот малку повеќе, да научам од него. Се разбира, анализиравме многу за време на паузата и ќе се обидеме да ги направиме работите можеби малку поинакви или подобри. А во текот на викендот ќе дознаеме и како ќе оди тоа – вели трикратниот светски првак Ферстапен, пишува „Ројтерс“.
На табелата води Ферстапен со 277 бода, втор е Ландо Норис од Мекларен со 199, а трет е Шарл Леклер од Ферари со 177. Г.И.