За разлика од други играчи што соборувале вакви рекорди, Оро не почнал да игра шах на четири или пет години, туку на седум, случајно, и тоа онлајн, за време на пандемијата во 2020 година. Тој е интернационален мајстор (ИМ) со 10 години, осум месеци и 16 дена, а, за споредба, со наполнети 12 или 13 години ИМ станаа, на пример, Карлсен, Фирузја, Со, Накамура, Каруана…
ШАХ
Со 10 години, осум месеци и 16 дена, Фаустино Оро стана најмладиот шахист во историјата со титулата интернационален мајстор (ИМ). Шаховското чудо од Буенос Аирес (Аргентина) освои 6,5 поени од девет партии на турнирот во Барселона (Шпанија), за да го собори рекордот на Индиецот Абхиманју Мишра (10 години, девет месеци и три дена). За разлика од другите играчи што соборувале вакви рекорди во минатото, Оро (роден на 14 октомври 2013 година) не почнал да игра шах на четири или пет години, туку случајно, и тоа онлајн, за време на пандемијата во 2020 година. Имал седум години, а со осум, тој веќе бил највисоко оценет шахист во светот под 10 години, пишува специјализираната германска шаховски интернет-страница „Чесбејс“.
Познат како „Меси во шахот“, Аргентинецот, кој навива за ФК Атлетико Велез Сарсфилд, соборува рекорд по рекорд откако ја почна својата сѐ уште кратка шаховска кариера. Така, тој стана најмлад шахист што некогаш ја преминал бариерата од 2.300 рејтинг-поени (со девет години и шест месеци), потоа за шахист што освоил една норма за ИМ (со девет години и 11 месеци), кој ја надминал границата од 2.400 рејтинг-поени на официјалната листа на ФИДЕ (јули 2024).
За споредба, Магнус Карлсен стана ИМ на 12 години и седум месеци, Алиреза Фирузја на 12 години и девет месеци, Весли Со на 12 години и 10 месеци, Хикару Накамура на 13 години и два месеца, а Фабијано Каруана на 13 години и четири месеци. Оро, кој има серија од 31 партија без пораз во класичен шах, сега живее во Шпанија, каде што неговите родители имаат намера да создадат подобра средина за неговиот шаховски развој. Г.И.