Ова е последната станица на факелот пред неговата крајна дестинација Будимпешта, што се совпаѓа со започнувањето на ШО 2024
ШАХ – „ФИДЕ 100“
Прославата на стогодишнината на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) продолжува, додека штафетата на факелот „ФИДЕ 100“ пристигна во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ). Ова е последната станица на факелот пред да стигне до неговата крајна дестинација, главниот град на Унгарија, Будимпешта, што се совпаѓа со започнувањето на Шаховската олимпијада (ШО) во 2024 година, закажана од 10 до 23 септември. Настанот се одржа во Марина Мол, под покровителство на Спортскиот совет на Абу Даби и во организација на Клубот за шах и игри на умот во Абу Даби – информира ФИДЕ.
На настанот присуствуваа шеикот Нахјан бин Мубарак ал Нахјан, министер за толеранција и соживот; претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович; шеикот Сауд бин Абдулазиз ал Муала, потпретседател на Меѓународната федерација; Хусеин Абдула ал Кури, претседател на УО на директорите на Клубот за шах и игри на умот во Абу Даби; Мохамед ал Мудака, претседател на Шаховската федерација на Катар; ВМ Вишванатан Ананд, петкратен светски првак и заменик-претседател на ФИДЕ; заедно со претставници од Спортскиот совет на Абу Даби. Шеикот Нахјан бин Мубарак ал Нахјан го прими комеморативниот златен медал од Дворкович по повод прославата на сто години постоење на ФИДЕ. На маргините на церемонијата тој учествуваше и во промоцијата на егзибициските натпревари. Мохамед ал Мудаха и африканскиот и арапски шампион ВМ Ахмед Адли играа против 15 играчи истовремено – јави ФИДЕ.
За време на церемонијата, Дворкович истакна дека шаховската игра брзо се развива во ОАЕ, благодарение на поддршката што ја добива и зголемениот интерес што го има. Штафетата на факелот во Абу Даби беше синхронизирана со тековниот 30. Меѓународен шаховски фестивал во Абу Даби. Познат како најголем шаховски фестивал во регионот и еден од најдобрите во светот, тој годинава пречека повеќе од 2.200 шахисти од 82 држави. Негов главен турнир е мастерс-турнирот, кој собра 217 играчи, од кои 200 со титули. Г.И.