Откако ја поминаа зимата работејќи напорно за развој на болидите за новата сезона, претсезонското тестирање во Формула 1 (Ф1) што почна во Бахреин е прва можност за секој од 10-те тима да управува со својата нова машинерија подолг период и да анализира колку брзи ќе бидат, пишува „Би-би-си“. Сезоната во Формула 1 треба да почне со трката за големата награда на Австралија, во Мелбурн, на 16 март.
Тестирањето во Формула 1 се одржува секоја година, неколку недели пред почетокот на новата сезона. Сите 10 тима се упатуваат на иста патека и поминуваат три дена возејќи ги своите нови болиди во различни конфигурации за да ги измерат перформансите.
Тимовите ги тестираат работите како што се оптоварувањето на горивото, соединенијата на гумите и поставките на крилата за да анализираат како автомобилот реагира во различни околности, симулираат различни ситуации на трка за време на викендот, како што се долги трки со многу гориво и истрошени гуми, како и квалификациски кругови на мека гума и ниско гориво, за да се обидат да ги утврдат силните и слабите страни, пишува „Би-би-си“.
Ф1-тимовите имаат пристап до многу податоци што им помагаат да ги измерат перформансите на нивниот болид, секој тим вози само еден болид, што значи дека најмногу 10 можат да бидат на патеката во исто време, а по двајцата возачи во секој тим рамномерно ги делат задачите, па секој од нив вози по еден и пол ден, пишува „Би-би-си“. Н.М.