Управното тело на Формула 1 (Ф1) планира да ја зачини трката за големата награда на Монако така што ќе ги принуди тимовите да имаат повеќе застанувања, откако Светската автомобилска федерација (ФИА) во соопштението наведе дека на состанокот на комисијата на Ф1 во Лондон во вторникот, пред почетокот на сезоната, се разговарало за „предлозите за регулативи специфични за Монако“ за промовирање помалку трки во поворка на тесната и кривулеста патека, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Комисијата се согласи да го зголеми бројот на задолжителни питстопи во трката. Тие предлози дополнително ќе бидат разгледани од спортскиот советодавен комитет во наредните недели – се додава во соопштението без да се наведат дополнителни детали, пренесе „Ројтерс“.
Сегашниот задолжителен минимум е еден питстоп по трка. Престигнувањето е исклучително тешко низ улиците на Монако, а квалификациите и пол-позицијата се уште поважни отколку на другите трки.
– Не можете да го промените распоредот на патеката и, се разбира, како што видовме претходно и особено со овие големи болиди како што се сега, трката е многу диктирана од саботата. Она што го видовме во минатата година е ако рано добиеш црвено знаме и сите ставаат други гуми, тогаш тоа е многу статично. Значи, ако се каже дека треба да ги користите потенцијално сите три вида гуми, тоа внесува друг елемент, така што станува трка со две застанувања и ако врне, исто така, ќе има и задолжителни две застанувања. Тоа е уникатно за таа трка и навистина се должи на природата на патеката – рече шефот на Ред Бул, Кристијан Хорнер, пренесе „Ројтерс“.
ФИА рече дека исто така повеќе нема да има никакво ограничување на бројот на менувачи што тимовите би можеле да ги користат во текот на сезоната, бидејќи сигурноста на сегашните дизајни ја направи регулативата застарена, пишува „Ројтерс“. Н.М.