Тој го направи подвигот за време од девет часа и 43 минути и е петтиот Македонец кому му успеало тоа по Нико Нестор (1959), Атина Бојаџи (1969), Томи Стефановски (2009) и Игор Димовски (2010)
ГОЛЕМ ПОДВИГ НА МАКЕДОНСКИОТ МАРАТОНСКИ ПЛИВАЧ
Тројниот светски шампион во маратонско пливање, Евгениј Поп Ацев, стана петтиот Македонец кому му успеа да го препливал каналот Ла Манш, што претставува голем предизвик за секој пливач на долги патеки. Македонскиот пливач на долги патеки успеа да го направи подвикот за време од девет часа и 43 минути. На целта стигнал во 11 часот и 55 минути во понеделникот. Да потсетиме дека претходно уште четворица македонски пливачи успеале да ги издржат сите предизвици во водите меѓу Франција и Велика Британија. Прво тоа му успеало на Нико Нестор во 1959 година (кој делницата долга 33 км ја преплива за 12 часа и 6 минути), потоа Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски во 2010 година.
Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев (37) зад себе има еден куп освоени трофеи, остварени победи, испливани километри во мирни и во разбранувани води. Неговата активна маратонска кариера траеше од 2007 до 2021 година, притоа во 2015 и во 2017 година триумфира на Светската гранпри-серија во маратонско пливање, а во 2019 година беше најуспешен и на ултрамаратонската серија на Светската пливачка федерација (ФИНА). Тој настапил на 106 трки од светска класа во 21 држава, а девет години се качувал на подиумот во генералниот пласман.
Од другите позначајни успеси можат да се издвојат 13. место на Светското првенство (25 км) во 2019 година, победа на маратонот Капри-Наполи во 2016-та, петти вкупно во Светскиот куп (СК) на 10 км во 2019 година, триумф на Охридскиот маратон во 2015-та, а во 2023 бил прв на Илинденскиот куп во Охрид…
Поп Ацев беше спортист на Македонија за 2015 година, спортист на Град Скопје за 2019 година… Настапувал за клубовите АПК Студент, Свонзи Акватикс, Вардар… На 18 мај 2024 година, во Канкун (Мексико), за своите големи достигнувања во овој спорт, дипломираниот стоматолог Поп Ацев стана член на Куќата на славните на маратонското пливање, каде што во 2016 година беше примен и првиот македонски маратонец Томи Стефановски.
Поп Ацев почнал со пливање на девет години, чисто колку да проба, многу му се допаднало, клубот, другарите, тренерот, начинот на живот и, ете, така остана во овој спорт повеќе од 27 години.
Според него, маратонското пливање е тешко, како и секој спорт. Физички најважна е издржливоста, но, сепак, мора да се има брзина и добра техника на пливање, инаку издржливоста не може да дојде до израз. Кај психичките компоненти, најважни се истрајноста, решителноста и посветеноста, па дури и малку инает, ќе рече Поп Ацев во една пригода.
Пред две години се обиде да го преплива Ла Манш, но не успеа.
– Студената вода беше главниот „виновник“, нешто што отсекогаш беше мој проблем, но можеби потфрлив да се подготвам за такви услови, а најмногу поради тоа што многу доцна решив да го пливам и немав време соодветно да се подготвам за студената вода. Да, многу ми е жал што не успеав. Ми остана тоа како некоја неостварена цел – ќе рече тогаш Евгениј.
Таа неостварена цел, сега стана реалност. Г.И.
Честитки од Асоцијацијата на каналско пливaње
Големи честитки до Евгениј Поп Ацев од Македонија, кој се натпреваруваше во пливање преку каналот Ла Манш и оствари одлично време од 9 часа и 43 минути. Евгениј е трикратен светски првак и беше примен во меѓународната Куќа на славните во маратонско пливање, се вели меѓу другото во информацијата на Асоцијацијата на каналско пливање…