Македонскиот репрезентативец освои 5,5 поени од можни девет (четири победи, три ремија и два пораза)

ШАХ

Македонскиот интернационален мајстор (ИМ) и репрезентативец Емил Ристески го освои 47-то место на меѓународниот шаховски турнир „Опен Грац 2025“ во Австрија, освојувајќи 5,5 поени од можни девет (четири победи, три ремија и два пораза). Во последното коло, Ристески (2.368, рејтинг-поени, рангиран 36-ти пред почетокот на турнирот) со црни фигури го подели поенот со хрватскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Борна Франц (2.285, рангиран 74-ти), остварувајќи на крајот играчки перформанс од 2.340 рејтинг-поени.
– Генерално сум задоволен од играта на турнирот. Во петтото коло загубив од српскиот велемајстор Иван Иванишевиќ и таа партија ми влијаеше и на следната, за жал. Како најдобра партија би ја издвоил таа со ФМ од Хрватска, Даворин Бубаловиќ, затоа што бев изненаден во отворањето, но потоа со убава комбинација стигнав до цел поен – ни изјави Ристески.
Неизвесно беше на врвот, каде што дури петмина шахисти имаат по седум поени, кинескиот велемајстор (ВМ) Чонгшенг Женг (2.558, рангиран трет), 16-годишниот ВМ од Украина Ихор Самуненков (2.550, рангиран четврти), ВМ од Полска Бартош Сочко (2.565, рангиран втор), ФМ од Украина Роман Пирих (2.414, рангиран 27.) и ИМ од Словачка, Филип Харинг (2.470, рангиран 16-ти), но Женг е прв поради најдобар дополнителен критериум. Прворангиран беше ВМ од Словачка Јергус Пехач (2.603), кој го освои 29-то место со шест поени.
На А-турнирот во Грац, кој се играше со класично темпо за размислување, учествуваа вкупно 226 шахисти од 43 земји (11 ВМ, три ЖВМ, 27 ИМ, девет ЖИМ, 45 ФМ, 10 ЖФМ). Г.И.