Фото: ЕПА

Хонгконг ќе биде домаќин на четвртото издание на екипното Светско првенство (СП) во забрзан и во брз шах, од 17 до 21 јуни годинава. Собирајќи врвни професионалци како Магнус Карлсен и аматерски играчи, настанот првпат го проширува својот глобален дострел во Источна Азија, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Првенството вклучува екипни првенства во забрзан и во брз шах, а секоја екипа мора да има барем една шахистка и еден рекреативен шахист што никогаш не достигнал 2.000 рејтинг-поени во стандарден, забрзан или во брз шах.
Со мешавина од забава и натпревар со висок влог, СП привлекува тимови од корпоративниот и од спортскиот свет низ целиот свет и играчи како што се Магнус Карлсен, Фабијано Каруана, Максим Вашер-Леграв, Хоу Јифан и други. Претходните години, Хонгконг стана сериозен меѓународен домаќин на големи отворени и регионални настани, пишува ФИДЕ. Меѓународното отворено првенство во шах во Хонгконг во 2025 година привлече повеќе од 400 играчи, вклучувајќи повеќе од 80 со титули, неодамна беше домаќин на Првенството во шах за јуниори и девојки од Источна Азија…
Во 2023 година се одигра првото екипно СП во забрзан шах, но без брз шах. Во 2024 година, настанот се прошири за да вклучи и брз шах. Лани забрзаното екипно СП беше швајцарски турнир од 12 кола, а победи тимот МГД1. Брзиот шах го следеше истиот формат на групирана фаза и нокаут-систем со 16 екипи и победи тимот на ВР Чес. Г.И.