Фото: ЕПА

Она што сега ме изненадува е колку бев брз и рамен во скокот. Имав толку голема брзина, што ме однесе многу повеќе во хоризонтална отколку во вертикална насока кога полетав. Луѓето го споредуваат тоа со камчиња што потскокнуваат на водна површина, а овие скокови тој ден беа многу слични на тоа, рече Едвардс за скокот од 18,29 метри, пренесе СА

АТЛЕТИКА – 30 ГОДИНИ ОД АКТУЕЛНИОТ СВЕТСКИ РЕКОРД ВО ТРИСКОК

Мислев дека повторно ќе го соборам. И не, не мислев дека ќе трае толку долго, рече Џонатан Едвардс за неговиот светски рекорд во трискок од 18,29 метри на Светското првенство (СП) во 1995 година во Гетеборг, пренесе Светската атлетика (СА). Поминаа 30 години откако Британецот постигна два светски рекорда во шведскиот град. Тој се осврна на настапот и објасни како уште му е неверојатно тоа што го постигнал.
Едвардс ја почна 1995 г. со личен рекорд (17,58) и знаеше дека е во животна форма.
– Најважното нешто во таа сезона е што мојата техника беше извонредна, а рамнотежата што ја имав во текот на фазите, што беше постигнато преку промена на техниката и користење акција со две раце, ми даде многу подобра позиција, особено во последната фаза – вели тој во разговор за СА во 2021 година.
Во почетокот на сезоната тој прескокна 18,43 м со помош на ветер (2,4 м/с) за победа на Европскиот куп. Потоа, имаше уште еден скок над 18 м (18,03 м) со помош на ветер во Гејтсхед, а потоа постави светски рекорд од 17,98 м во Саламанка. Помеѓу тоа и СП прескокна и 18,08 метри со помош на ветер во Шефилд и сето тоа ги зголеми притисокот и очекувањата пред СП во Гетеборг.
– Иако веќе го соборив светскиот рекорд таа година, според мене, да не го освоев СП мојата сезона ќе се сметаше за неуспешна. Чувствував огромен притисок, бидејќи никогаш не бев учествувал на големо првенство очекувајќи да победам. И не само што очекував да победам туку и да соборам светски рекорд, па бев скаменет. Но покрај тоа чувство, имаше и чувство дека можам да скокнам на огромна далечина. Веќе прескокнав 18,43 м со ветер, а неколку недели претходно поставив светски рекорд од 17,98 м, што беше многу помалку отколку што знаев дека сум способен. Така, имаше и вистинско чувство на возбуда. Со технички настан како трискок има многу работи што можат да тргнат наопаку, без разлика во колку добра форма сте. Но, во ова финале, немаше воздржување, немаше „ајде да направиме безбеден скок“. Беше само трчање и скокање и се надевав дека ќе биде добро – рече Едвардс, пренесе СА.
Неговиот прв скок беше повеќе од само „добар“, прелета по пистата, полета, а потоа слета на 18,16 м, за светски рекорд и прв скок над 18 м со дозволен ветер.
– Имаше прослава, но и огромно олеснување. Она што сега ме изненадува е колку бев брз и рамен во скокот. Имав толку голема брзина, што ме однесе многу повеќе во хоризонтална отколку во вертикална насока кога полетав. Луѓето го споредуваат тоа со камчиња што потскокнуваат на водна површина, а овие скокови тој ден беа многу слични на тоа. Нормално, откако ќе прескокнев голема дистанца на тој начин, ќе завршев со настапот, но, сепак, чувствував дека има уште многу да се направи – изјави Едвардс.

По дваесетина минути, Едвардс пак беше на пистата за вториот скок.
– Имав насмевка на лицето и покажав со прстот. Само сакав да уживам во скокот затоа што знаев дека веројатно нема да имам друг како него. Моментот кога знаев дека е подобар скокот од првиот беше за време на скокот, а штом слетав знаев дека е светски рекорд. Затоа ги кренав рамената како да кажам „уште еден рекорд“. Имав уште 11 см пред отскочната штица. Значи, ако некој некогаш го собори мојот светски рекорд, ќе кажам дека всушност имав 18,40 м од полетувањето до слетувањето – додаде Едвардс со насмевка.
Тој ги пропушти третата и четвртата серија, а во петтата имаше 17,49 м.
– Секогаш постоеше чувство дека „не можам да верувам дека ова ми се случи мене“. Растете следејќи ги вашите херои на телевизија и, ако имате среќа, можеби ќе ги видите на стадион и ќе се чувствувате многу обично. Кога всушност правите нешто што е извонредно, тешко е да се изедначат двете. Речиси го ценам повеќе сега отколку во тоа време. Бев во врвна форма и го прифатив опуштено. Уживав во сѐ и беше фантастично, но едноставно не мислам дека го ценев колку беше неверојатно. Да направиш нешто во животот и да бидеш категорично најдобар во тоа, искрено е неверојатно – рече Едвардс, кој потоа го освои олимпиското злато во 2000 година, пред да ја освои својата втора светска титула во 2001 година, пишува СА. Н.М.