Фото: ЕПА

ЏУДО

Организирањето настани од ваков обем само ќе ја мотивира следната генерација македонски џудисти да се стремат кон меѓународни медали, пишува Европската џудо-унија (ЕЏУ) на својата интернет-страница во пресрет на Европскиот куп викендов во Скопје, каде што во јуни се одржа ЕП за кадети, еден месец подоцна следуваше ЕМОФ, а во август Европскиот куп за јуниори

Скопје ќе биде домаќин на Европскиот куп за сениори в сабота и в недела, шестиот од седумте европски купови во календарот за годинава. Уште еднаш, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) во главниот град организира настан на Европската џудо-унија (ЕЏУ). Ова го означува четвртото меѓународно натпреварување што земјата го организира во 2025 година, пишува ЕЏУ. Во јуни, Скопје беше домаќин на Европското првенство (ЕП) за кадети, а еден месец подоцна следуваше Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ). Во август се одржа Европскиот куп за јуниори, а сега сениорите ја завршуваат извонредната година на џудо-настани во нацијата со помалку од два милиона луѓе, пишува Европската џудо-унија на својата официјална интернет-страница.

ЕЏУ притоа потсетува и на дел од успесите што ги постигнале македонските џудо-надежи, кој еден ваков настан само повеќе ќе ги мотивира.
– Во август Ива Богдановска ѝ приреди на земјата домаќин горд момент со освоениот бронзен медал на Европски куп за јуниори. Иако Македонија уште не освоила медал на сениорски или на јуниорски европски првенства, нејзините кадети постигнаа успех во 2018 година, кога Хамза Јашари го освои бронзениот медал. Организирањето настани од ваков обем само ќе ја мотивира следната генерација македонски џудисти да се стремат кон меѓународни медали – пишува ЕЏУ.

Според бројот и квалитетот на натпреварувачите што ќе се појават во Скопје, ова ќе биде голем настан.
– Речиси 300 спортисти од 30 земји се регистрирани да се натпреваруваат во Скопје, вклучувајќи и голема германска експедиција, како и силни селекции од Србија, Бугарија, Италија и од Велика Британија. Некои од најистакнатите имиња се Германката Рене Лухт, Србинот Игор Врачар, Италијанецот Енрико Бергамели, Британецот Лахлан Мурхед и Ларке Олсен од Данска. На Олсен ќе ѝ се придружи и нејзината сонародничка Емили Сук, една од најуспешните спортистки на годинашниот Европски куп во Подгорица во март на кое освои сребро, а потоа и злато во Рига една недела подоцна. Дури и спортисти од неевропски земји како што се Канада, Австралија и Колумбија се пријавија за настап, иако пробивот до медалите ќе биде тежок. Само во машките категории до 73 кг и до 81 кг има повеќе од 40 натпреварувачи. За некои спортисти овој Европски куп ќе послужи и како подготовка за претстојното Европско првенство до 23 години. За други, тоа е шанса да го тестираат своето ниво во меѓународни натпревари, да докажат подготвеност за континенталните отворени првенства или да освојат мотивациски медал. Целиот настан во Скопје може да се следи преку каналот „JudoTV.com“ – пишува ЕЏУ.
Ова, секако, е само уште еден знак дека Скопје повторно ќе пулсира во знакот на џудото, а македонските љубители на овој спорт уште еднаш ќе уживаат во возбудливите борби, кои ќе можат да ги проследат во живо на татамите во СЦ „Јане Сандански“. Боите на Македонија, предводени од македонскиот селектор Горан Мицкоски, ќе ги бранат вкупно 14 натпреварувачи, од кои десет џудисти и четири џудистки. Г.И.