Еди Шерифовски

Натпреварите во џудо денеска почнуваат во 10 часот, во арената „Шам де мар“, а дуелот помеѓу македонскиот репрезентативец Шерифовски и Шимит од Бразил е шести по ред

ЛЕТНИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ ВО ПАРИЗ

Македонскиот репрезентативец, џудистот Еди Шерифовски денеска ќе настапи на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, а првиот дуел е со Бразилецот Гијерме Шимит, во категоријата до 81 килограм. Според најавите на интернет-страницата на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), натпреварите во џудо денеска почнуваат во 10 часот, во арената „Шам де мар“, а дуелот помеѓу Шерифовски и Шимит за пласман во осминафиналето е шести по ред. Победникот на тој меч во осминафиналето ќе се сретне со подобриот од средбата Антонио Еспозито (Италија) – Валентин Хуинато (Бенин).
Досега од македонските олимпијци во Париз се натпреваруваа пливачот Никола Ѓуретановиќ и стрелачката Анастасија Мојсовска. До крајот на ЛОИ 2024 треба да настапат и Милијана Рељиќ (таеквондо, категорија до 57 килограми, на 8 август), Владимир Егоров (борење во слободен стил, категорија до 57 килограми, на 8 август) и Дарио Ивановски (атлетика, маратон, на 10 август).
По денешните фудбалски натпревари во машка конкуренција ќе бидат познати сите четвртфиналисти на Летните олимписки игри во Париз, каде што по првите две кола пласман обезбедија репрезентациите на Шпанија и на Јапонија. За денеска е предвидена распределба на медали во осум спорта, и тоа во триатлон, стрелаштво, пинг-понг, џудо, артистичка гимнастика, рагби, мечување и во пливање. Н.М.


ОСВОЈУВАЧИ НА МЕДАЛИ НА ЛОИ 2024

ЗЕМЈА ЗЛ. СР. БР.
Кина 5 2 2
Јапонија 4 2 1
Јужна Кореја 4 2 1
Австралија 4 2 0
САД 3 6 3
Франција 3 3 2
Италија 1 2 3

Извор: ИОК
табелата е по вчерашните први четири финалиња, а синоќа на програмата беа доделени медали уште во девет спорта