Петнаесетгодишниот договор на Сото од 765 милиони долари со Њујорк метс, најбогатиот договор во однос на вкупната вредност на играч во историјата на големите спортови во САД, дава шанса да се погледнат бројките на некои многу необични начини, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“
Бројките на Хуан Сото во 2024 година во бејзбол се 41 хоум-ран, 109 поени, просек удари 0,288, а ако продолжи да го прави тоа во текот на следните 15 години, тој ќе заработува околу 1,2 милион долари за секој хоум-ран, или 467.890 долари за секој поен, или 307.229 долари за секој удар, се разбира, пред оданочување, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Петнаесетгодишниот договор на Сото од 765 милиони долари со Њујорк метс, најбогатиот договор во однос на вкупната вредност на играч во историјата на големите спортови во САД, дава шанса да се погледнат бројките на некои многу необични начини, пишува АП.
Тој ќе заработува 314.815 долари по натпревар. Врз основа на неговите бројки сезонава, тој ќе добие 46.322 долари секојпат кога ќе замавне со палката, без разлика дали промашува или удира, се разбира, тоа е под претпоставка дека Сото ќе остане продуктивен како што беше во 2024 година, а ако пропушти значително време, тие стапки едноставно се зголемуваат, пишува АП.
Некои од бројките низ спортскиот свет, кога ќе се разделат по достигнувања, едноставно паѓаат во очи во оваа ера, а овие примери се засноваат на тековната заработка, не земајќи ги предвид реструктурирањето или какви било други потенцијални промени, пишува АП.
МЛБ, Блејк Снел, Доџерс: Двократниот освојувач на наградата за најдобар удирач во бејзбол лигата на САД, МЛБ, ќе заработи околу 65 милиони долари во 2025 година, од кои повеќето се бонус за потпишување, во јануари. Тој, исто така, никогаш не направил повеќе од 32 старта во една сезона. Ако направи 32 старта во 2025 година, тој ќе добие (кога ќе го земе предвид бонусот за потпишување) 2.031.250 долари по натпревар. За споредба, Тарик Скубал од Детроит заработи 2,65 милиони долари за целата сезона во 2024 година и ја освои наградата за најдобар удирач, пишува АП.
МЛБ, Шохеи Охтани, Доџерс: Неговиот договор од 700 милиони долари повеќе не е рекорд поради договорот на Сото, но Охтани уште го држи рекордот за просечна вкупна вредност од 70 милиони долари годишно. Единствениот член на бејзбол-клубот 50-50 (54 хоум-рани, 59 украдени бази во 2024 година), според стапката од изминатава сезона ќе заработува 619.469 долари секојпат кога ќе погоди топче или ќе украде база, пишува АП.
НФЛ, Дак Прескот, Каубојс: Неправедно е да се разложи неговата статистика годинава, бидејќи тој е повреден, но сегашниот договор на Прескот е во просек од 60 милиони долари по сезона од Далас. Врз основа на неговиот просек во кариерата, тоа значи дека во текот на неговиот актуелен договор, Прескот добива 13.680 долари за секој истрчан јард, пишува АП.
НБА, Стивен Кари, Вориорс: Со речиси 56 милиони долари сезонава, Кари води во трката за плати во НБА (во секој случај за годинава). Кралот на НБА на сите времиња за три поени заработува околу 680.000 долари по натпревар во сезоната 2024/2025, ако беше платен само за тројки, тој ќе добиваше околу 161.908 долари секојпат кога ќе погодеше еден од тие удари сезонава.
НБА, Џејлен Браун и Џејсон Тејтум, Селтикс: Браун почнува петгодишен договор вреден околу 285 милиони долари, Тејтум в година ќе почне петгодишен договор вреден околу 314 милиони долари. Со тие стапки, Селтикси би им плаќале на своите двајца најдобри играчи (со сегашното темпо на постигнување) околу 27.406 долари за секој поен. За споредба, Лери Бирд, за својата кариера, заработил околу 1.100 долари по поен, пишува АП.
НХЛ, Леон Драјсаитл, Ојлерс: Тој ќе почне со договор следната година со што ќе има во просек по 14 милиони долари по сезона во текот на осум сезони. Според неговата сегашна стапка на постигнување, тој би заработувал приближно 119.393 долари за секој гол или асистенција во тој период.
МЛС, Лионел Меси, Интер Мајами: Само врз основа на неговата загарантирана плата од МЛС-лигата, Меси добиваше нешто повеќе од еден милион долари по гол сезонава (20,4 милиони долари, 20 гола), а, повторно само сметајќи ја платата во МЛС, Меси заработуваше 229 долари за секоја секунда што беше на теренот за време на регуларната сезона годинава, пишува АП.
Голф, Скоти Шефлер: Официјалната заработка на Шефлер во 2024 година беше 29.228.357 долари. И тоа не вклучува 34.037.500 долари во бонуси и неофицијална заработка, вклучувајќи и 25 милиони долари за освојување на Федекс-купот. Сѐ заедно значи дека играчот број 1 во светот заработил околу 11.243 долари по удар сезонава, пишува АП. Н.М.