Од првите шест веќе објавени состави, неколку соиграчи од НХЛ ќе се најдат на спротивните страни на натпреварите на ЗОИ 2026
ХОКЕЈ НА МРАЗ
Од моментот кога ќе се спушти пакот во февруари 2026 година, олимпискиот хокеј на мраз ќе го привлече вниманието на светот како малку други спортови, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Тоа во голема мера е благодарение на фактот дека првпат од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи во 2014 година, елитните ѕвезди на Националната хокеарска лига (НХЛ) ќе се вратат на олимпискиот мраз на Зимските олимписки игри во Милано и во Кортина д`Ампецо во 2026 година, одлука за која комесарот на НХЛ, Гари Бетман, објасни дека се сведува на тоа „да се направи нешто затоа што играчите навистина го сакаа тоа“, пренесе ИОК.
Од првите шест веќе објавени состави, неколку соиграчи од НХЛ ќе се најдат на спротивните страни на натпреварите на ЗОИ 2026. Ѕвездите на Торонто, Остон Метјуз и Вилијам Ниландер, ќе ги заменат своите сино-бели дресови за боите на САД и на Шведска. Конор Мекдејвид и Леон Драјсаитл од Едмонтон, вообичаено соиграчи во моќниот напад на Ојлерс, наместо тоа, ќе ги предводат Канада и Германија во потрага по злато. Во Флорида, Метју Ткачук и Сем Рајнхарт ќе играат за САД и за Канада, а нивниот соиграч од Пантерс, Александар Барков, го предводи бранителот на титулата Финска, пишува ИОК.
Турнирот за хокеари на ЗОИ 2026 на програмата е од 11 до 22 февруари во две сали во Милано. На олимпискиот турнир ќе играат 12 репрезентации, и тоа Канада, Швајцарија, Чешка и Франција во групата А, Финска, Шведска, Словачка и Италија во групата Б, а САД, Германија, Летонија и Данска во групата Ц. Н.М.