Тим-миксот на Македонија со освоениот пехар

ЏУДО – НА БАЛКАНСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ПЕЌ

Со бронзени медали се закитија Сергеј Димитријоски (до 60 кг), во поединечна конкуренција, и мешовитиот тим-микс, што претставува успех во оваа силна конкуренција

Македонската џудо-репрезентација предводена од селекторот на сениорите Горан Мицкоски освои два бронзени медала на Балканското првенство (БП), кое викендов се одржа во Пеќ. Во конкуренција на над 100 џудисти од девет балкански џудо-федерации (Македонија, Босна и Херцеговина, Турција, Албанија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Грција, и Косово) беа видени квалитетни и возбудливи борби на татамите.

Прв со бронза во поединечна конкуренција се закити Сергеј Димитријоски, кој настапи во тежинската категорија до 60 кг. Тој во борба за третото место беше подобар од репрезентативецот на Турција. Македонската џудистка Александра Најдоска беше блиску до медал, но го освои петтото место, откако во борба за бронзениот медал беше поразена од репрезентативка на Црна Гора.

Вториот бронзен медал беше освоен во тим-микс. Тоа е тимско натпреварување, во кое Македонија настапи во состав: Лилјана Недановска (до 57 кг), Михаил Стојановски (до 73 к), Еди Шерифовски (до 90 кг), Андреј Чакаровски (над 90 кг) и Александра Најдовска (над 70 кг). Резерви беа Владимир Милчиноски (над 90 кг) и Сергеј Димитриоски (до 73 к).

На Балканијадата присуствуваше и со голем интерес ги следеше борбите на македонските преставници претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски.
– Конкуренцијата беше силна. Задоволен сум од прикажаното на македонските натпреварувачи иако можевме и подобро да минеме. Сите се трудеа, прикажаа добри борби во своите настапи, но не успеаја да се пласираат во борбата за еден од медалите – ни изјави селекторот Мицкоски.

Мицкоски, Димитријоски и Трпаноски

Настапот на македонските џудисти на оваа Балканијада секако добро им дојде, оти претставуваше и последна проверка пред почетокот на големиот спортски настан, а тоа е Европскиот куп во џудо за сениори, кој за шест дена (20 и 21 месецов) ќе се одржи во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, што наедно ќе претставува и нова можност за докажување на македонските џудисти, а за ЏФМ нова можност за организациските способности на вакви значајни спортски манифестации. Се очекува над 300 квалитетни учесници од 30 земји да настапат на ова џудо-натпреварување, што ќе претставува и нова можност љубителите на џудото во Македонија да уживаат во возбудливите борби. Македонија на ова натпреварување ќе настапи со 14 натпреварувачи, од кои десет џудисти и четири џудистки.

Како што е познато, годинава ЏФМ беше домаќин на кадетски, јуниорски, а сега и на сениорски спортисти, што секако бара голем организациски ангажман. Г.И.