Фото: ЕПА

АТЛЕТИКА

Со скокот за светски рекорд од 6,3 метри на СП 2025 во Токио, Дуплантис ја продолжи серијата без пораз на 37 натпревари и вкупно 14 пати го подобри планетарниот рекорд во скок со стап. Тој досега собори светски рекорди на три континенти, во девет земји, и освои осум златни медали во низа на глобални натпреварувања, во сала и на отворено

Атлетскиот вундеркинд во скок со стап, Арманд Дуплантис (25) го оствари својот 14-ти светски рекорд. Шведската суперѕвезда ја продолжи својата доминација освојувајќи ја третата светска титула во низа, овој пат на Светското првенство (СП) во Токио (Јапонија). Одушевената публика на стадионот долго откако завршија другите настани вечерта го гледаше модерниот великан на спортот како станува првиот човек што ја помина бариерата од 6,3 метри.
Дуплантис почна да соборува рекорди на 8 февруари 2020 година и досега ги собори на три континенти, во девет земји, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).

Швеѓанецот сега освои осум златни медали во скок со стап во низа на глобални натпреварувања, во сала и на отворено. Враќајќи се на стадионот каде што го постигна првиот од тие големи успеси пред четири години, Дуплантис го искористи моментот во центарот на вниманието со својата харизма и прекрасен талент, пишува „Би-би-си“. Двократниот олимписки шампион го запечати златото со скокот од 6,15 метри, а потоа ја крена летвичката на еден сантиметар повисоко отколку што некогаш скокнал. Стадионот потоа еруптира кога тој ја прескокна таа височина.
– Подобро е отколку што можев да замислам. Да ви го подарам овој светски рекорд е неверојатно. Едноставно сум толку среќен – ѝ рече Дуплантис на публиката, која остана по 23 часот по локално време за да го гледа како се стреми кон рекордот, пишува „Би-би-си“.

Четвртиот светски рекорд во 2025 година на Дуплантис е најголем број пати што тој го подобрил планетарниот рекорд во текот на една година во неговата кариера.
Разговорот за светски рекорди ја замени секоја дискусија за дестинацијата на златните медали во скок со стап за мажи откако тој првпат го надмина Французинот Рено Лавилени како носител на светски рекорд со прескокнување на 6,17 метри во февруари 2020 година, пишува „Би-би-си“.

Дуплантис го надмина рекордот од 100 прескокнувања на шест метри во кариерата, освојувајќи ја својата трета светска титула во сала во март. За споредба, тоа е висина што ја имаат прескокнато само 28 други луѓе низ историјата. Најблизок предизвикувач на Дуплантис сезонава беше Гркот Емануел Каралис, кој го подобри својот личен рекорд на 6,08 метри. Со победата во Јапонија, Дуплантис ја продолжи серијата без пораз на 37 натпревари, почнувајќи од јули 2023 година.

Неговата спринт-вештина е особено онаа што неговите ривали ја посочуваат како дефинирачки фактор, при што поголемата брзина на пристап генерира поголема кинетичка енергија и создава основа за поголеми височини. Неговиот пристап сантиметар по сантиметар кон подобрување на светскиот рекорд не е револуционерен, а откако Сергеј Бубка стана првиот човек што прескокна шест метри пред 40 години, рекордот е подобрен за не повеќе од два сантиметри повисоко одеднаш. Рекордната доминација што ја постигна го надмина спортот и го етаблира Дуплантис како најголема ѕвезда во атлетиката, пишува „Би-би-си“. Со повеќе од два милиони следбеници на неговите профили на социјалните мрежи, тој е на чело на промоцијата на новиот глобален настан на Светската атлетика, т.н. Ултимејт првенство, кое треба првпат да се одржи во Будимпешта в година за да се премости јазот помеѓу глобалните натпреварувања, пишува „Би-би-си“.
– Порано велевме дека ни треба Усеин Болт тука за да донесе интерес за атлетиката. Дуплантис е суперѕвезда и го надминува спортот. Скокот со стап ве привлекува и затоа тој е шоумен. Тој го оркестрира. Одлично е за спортот и нека оди повисоко – рече поранешниот светски шампион на 1.500 метри Стив Крем, пренесе „Би-би-си“. Г.И.