Тој прескокна 6,28 метри на митингот од Дијамантската лига во Стокхолм (Шведска), на Олимпискиот стадион од 1912 година
ШВЕДСКИОТ АТЛЕТИЧАР 12-ТИ ПАТ ГО СОБОРИ РЕКОРДОТ ВО СКОК СО СТАП
Атлетичарот Арманд Дуплантис (25) одново го собори светскиот рекорд во скок со стап, со прескокнување 6,28 метри во првиот обид на митингот од Дијамантската лига во Стокхолм (Шведска), на Олимпискиот стадион од 1912 година, пишува Светската атлетика (СА).
– Едноставно ќе уживам во ова, ќе уживам во моментот. Нема многу помеѓу мене и 6,3 метри, технички, само сум еден совршен ден далеку од тоа – рече Дуплантис, пренесе Светската атлетика.
Овој рекорд беше дополнително значаен за Швеѓанецот оти првпат го подобри во својата држава.
– Се чувствувам исполнето во моментов. Првпат кога скокнав на овој стадион имав 11 години. Беше дождливо, студено и скокнав малку под четири метри. Беше многу високо за тоа колку бев млад. Тука ги врежуваат имињата на носителите на светски рекорди. Ќе биде навистина посебно моето име да биде врежано на стадионот, кој за мене е најубавиот стадион – рече двократниот олимписки шампион Дуплантис, пренесе „Би-би-си“.
За надмоќноста на тој натпревар доволно говори тоа што второто место го освои Австралиецот Маршал Куртис, со скок од 5,9 метри, 38 см помалку од Швеѓанецот. За победата на митингот во Стокхолм, Дуплантис ќе добие награда од 20.000 долари, а Светската атлетика го наградува со 100.000 долари за секој соборен светски рекорд. Дуплантис првпат го собори светскиот рекорд, кој тогаш го држеше Рено Лавилени од Франција, во февруари 2020 година, со прескокнување 6,17 метри на натпреварот во Полска. Г.И.
Сите рекорди на Дуплантис
МЕТРИ ГОД. ДРЖАВА
6,17 2020 Полска
6,18 2020 Англија
6,19 2022 Србија
6,20 2022 Србија
6,21 2022 САД
6,22 2023 Франција
6,23 2023 САД
6,24 2024 Кина
6,25 2024 Франција
6.26 2024 Полска
6.27 2025 Франција
6,28 2025 Шведска