АТЛЕТИКА
- Шведскиот атлетичар прескокна 6,31 метри во првиот обид на митингот на домашен терен во Упсала
Светскиот и олимписки шампион Мондо Дуплантис додаде уште еден сантиметар на својот светски рекорд во скок со стап, надминувајќи 6,31 метри на сребрен митинг на Светската атлетска турнеја во затворен простор, во Упсала, објави Светската атлетика (СА).
Суперѕвездата на дисциплината скок со стап немаше соборена летвичка на патот до својот рекорден настап на домашниот митинг, почнувајќи со 5,65 метри пред да прескокне 5,9 метри и 6,08 метри при првите обиди. Кога летвичката беше на 6,08 метри остана само уште еден натпреварувач, Норвежанецот Сондре Гутормсен, кој не прескокна 6,08 метри, а потоа Дуплантис ја помести летвата на 6,31 метри.
Швеѓанецот, кој се натпреваруваше на својот втор митинг годинава, откако ја отвори сезоната со победа со скок од 6,06 метри во Клермон-Феран (Франција), ја надмина рекордната висина уште во првиот обид, додавајќи еден сантиметар на светскиот рекорд што го постави кога ја освои светската титула во Токио во минатата година.
– Ако дојдете во Шведска да се натпреварувате против мене, ќе биде уште потешко да ме победите. Во моментов има многу емоции. Имаше малку дополнителен притисок, бидејќи сакам да настапам на поинаков начин. Поставувањето светски рекорд тука беше всушност неверојатно – рече светскиот спортист на годината за 2025 година откако го постави 15. светски рекорд во својата кариера, пренесе СА. Н.М.
СВЕТСКИТЕ РЕКОРДИ НА ДУПЛАНТИС
ДАТУМ МЕТРИ
8.2.2020 6,17
15.2.2020 6,18
7.3.2022 6,19
20.3.2022 6,20
24.7.2022 6,21
25.2.2023 6,22
17.9.2023 6,23
20.4.2024 6,24
5.8.2024 6,25
25.8.2024 6,26
28.2.2025 6,27
15.6.2025 6,28
12.8.2025 6,29
15.9.2025 6,30
12.3.2026 6,31

































