Фото: ЕПА

Во понеделникот Дуплантис го пропушти поголемиот дел од прес-конференцијата пред митингот во Будимпешта, извинувајќи се кога доцнеше. „Мислам дека ќе морам да го надоместам тоа утре со голем скок“, рече тогаш Дуплантис пред натпреварот, пренесе „Ројтерс“

АТЛЕТИКА – СКОК СО СТАП

Швеѓанецот Мондо Дуплантис (25) го собори сопствениот светски рекорд во скок со стап со прескокнување од 6,29 метри во Будимпешта и 13. пат постави нов светски рекорд, додека продолжува да ѝ пркоси на гравитацијата. Двократниот олимписки шампион ја задржа својата традиција на подобрување на светскиот рекорд за еден сантиметар, а неговиот втор обид на меморијалот „Иштван Ѓулаи“ го надмина рекордот што го постави во Стокхолм (Шведска) во јуни годинава, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
Дуплантис изгледаше како да е малку надвор од својата најдобра форма, пропуштајќи го својот прв обид на 6,11 метри и, откако Гркот Емануил Каралис се откажа, откако двапати не успеа на истата височина, Швеѓанецот ја крена летвичката за да го направи својот вообичаен обид за светски рекорд. Двократниот светски шампион беше неуспешен во првиот обид и додека малку ја затресе летвичката во вториот обид, Дуплантис погледна нагоре речиси со неверување кога виде дека повторно достигнал нова најголема височина во дисциплината во која целосно доминира, пишува „Ројтерс“.

– Многу ја сакам Унгарија. Атлетската патека е многу добра, ја сакам публиката, би сакал да се вратам, ви благодарам – рече Дуплантис.
Швеѓанецот, кој ја освои својата втора светска титула на истиот стадион во 2023 година, по новиот рекорд истрча директно кон публиката за да прослави со својата партнерка Дезире Ингландер и со своето семејство. Во понеделникот Дуплантис го пропушти поголемиот дел од прес-конференцијата пред митингот во Будимпешта, извинувајќи се кога доцнеше.
– Мислам дека ќе морам да го надоместам тоа утре со голем скок – рече тогаш Дуплантис пред натпреварот, пренесе „Ројтерс“.
Тој остана верен на својот збор, на задоволство на публиката во Будимпешта, и сега се искачи 15 см повисоко од Сергеј Бубка, кого Дуплантис еднаш го опиша како „митолошки“ натпреварувач, пишува „Ројтерс“.
Дуплантис, роден во САД, првпат го собори светскиот рекорд во 2020 година, во Полска, со скок од 6,17 метри, надминувајќи го за еден сантиметар претходниот рекорд поставен од Французинот Рено Лавилени шест години претходно. Лавилени го надмина најдобриот скок на Бубка од 6,14 метри, кој стоеше речиси 20 години, но Дуплантис го крена спортот на друго ниво, пишува „Ројтерс“. Тој в сабота ќе се натпреварува на митинг во Дијамантската лига, во Полска, каде што лани го собори светскиот рекорд. Г.И.


Сите светски рекорди на Дуплантис

МЕТРИ ГОД. ДРЖАВА
6,17 2020 Полска
6,18 2020 Англија
6,19 2022 Србија
6,20 2022 Србија
6,21 2022 САД
6,22 2023 Франција
6,23 2023 САД
6,24 2024 Кина
6,25 2024 Франција
6.26 2024 Полска
6.27 2025 Франција
6,28 2025 Шведска
6,29 2025 Унгарија