ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП
- Во претходниот меч ги поправавме позициите и правевме пресврти по четири часа игра, но овој пат го отворивме одлично и го трасиравме патот кон триумфот, вели капитенот на Алкалоид, ВМ Влатко Богдановски
Четвртото коло од Европскиот клупски куп (ЕКК) во шах, на грчкиот остров Родос, донесе нов драматичен меч за ШК Алкалоид, со нова победа со 4-2 против традиционално незгодниот противник од Азербејџан, екипата Вугар Гашимов.
– Високата тензија беше присутна од првата минута. Оваа екипа во минатото во повеќе наврати играла тешки мечеви со нашиот тим и добро знаевме што нѐ очекува. Во претходниот меч ги поправавме позициите и правевме пресврти по четири часа игра, но овој пат го отворивме одлично и го трасиравме патот кон триумфот – изјави капитенот ВМ Влатко Богдановски.
Рауф Мамедов (2.655 рејтинг-поени) ги водеше белите фигури на првата табла против Арјун Еригаиси (2.773), при што индискиот велемајстор (ВМ), кој настапува за ШК Алкалоид, одбра да се брани со ризично кралско фијанкето, кое е своевиден бренд на азербејџанската шаховска школа. Еригаиси играше одлично и успеа да создаде мала предност, но, сепак, не успеа да ја реализира и во завршницата го подели поенот. На втората табла Ји Веи (2.754) одлучи бргу да ремизира против најголемата надеж на азербејџанскиот шах, ВМ Ајдин Сулејманли (2.614), кој има само 20 години и кој веројатно ќе биде предводник на новите генерации, како што во минатото тоа беа Тимур Раџабов и Шахријар Мамеѓаров. Со тоа, веројатно избегна исцрпувачки меч каков што имаа другите, па неговата свежина би можела да биде адут за екипата во идните дуели, пишува ШК Алкалоид.
По пропустот во третото коло, Јангји Ју (2.720) овој пат со црни фигури играше против единствениот странец во екипата од Азербејџан, 21-годишниот ВМ Казибек Ногербек (2.543) од Казахстан. Играчот на ШК Алкалоид повторно беше во реми-ситуација, но имаше цврста позиција типична за големите шампиони од типот на Карпов и Карлсен, па бараше мотиви и успеа да најде победничко решение по 60 потези во скокачката завршница. Не помалку брилијантен беше и Читамбарам Аравинд (2.711), кој на четвртата табла, по големите компликации и со жртвување фигура, дојде до победа против уште еден 21-годишен ВМ од Азербејџан, Ахмад Ахмаџада (2.523).
И оваа партија како и другите почна со добро отворање и со мала предност, но со надоаѓањето на временската контрола при 40-от потег, нештата се закомплицираа и тоа им овозможи на борбените тактичари од Азербејџан да пробаат да се вратат во мечот. Но откако тоа не им успеа на другите табли, на петтата табла ги послужи спортската среќа. ВМ Велимир Ивиќ (2.628) школски го надигруваше противникот во текот на 35-те потези, но ИМ Реад Шамадов (2.523) направи обид за контранапад токму во цајтнотот при истекот на почетните 90 минути, по што следуваше груба грешка, која ја однесе заслужената победа во неповрат. На шестата табла Абиманју Пураник (2.615) ја исполни целта да донесе победа за тимот, иако и тука драмата беше неизбежна. По заемните пропусти, играчот на ШК Алкалоид покажа психичка стабилност и реализира без проблеми во ситуација кога резултатот беше 2-2, а играше само уште Јангји Ју.
За илустрација, четвртото коло можеби беше едно од најжестоките бидејќи тука се кршеа копјата кои екипи ќе одат во борба за медалите. По третото коло имаше девет тима со максимални шест бода и уште пет тима со по пет бода, а веќе по ова четврто коло на врвот има само три екипи со максимален ефект: Алкалоид, Супер Чес и Нови Бор. Зад нив се пет екипи со еден поен помалку, па секој меч, всушност, е директен дуел со конкурент во борбата за висок пласман.
Во петтото коло играно вчера, ШК Алкалоид играше со бранителот на трофејот од минатата година, Нови Бор од Чешка, кој е трет носител, а, пак, ривалите Супер Чес ќе го предизвикаат на мегдан прворангираниот тим според рејтингот, Бајеган Пендик од Турција, кој во ова коло одигра 3-3 со унгарскиот тим Нагиканижаи. Турнирот има само седум кола поради што оваа фаза на меѓусебни дуели може да биде пресудна за конечниот изглед на табелата, информираат од ШК Алкалоид. Г.И.
Центар и Гостивар играа меѓу себе во петтото коло
На 29. Европскиот клупски куп на Родос (Грција) за шахистки двата македонски клуба во третото и во четвртото коло забележаа едно реми и три порази. Центар АСЕЕ (2.129, рангиран деветти пред почетокот) во третото коло загуби со 1-3 од холандски Де Штукенјагерс (2.035, 13-ти), откако ЖВМ Белослава Крастева (2.316) победи, ЖВМ Викторија Радева (2.292) и ЖФМ Ивана Манова (2.010) загубија, а Катерина Петровска (1.879) ремизира. Во четвртото коло Центар АСЕЕ ремизира 2-2 со српски Змај (2.089, 11.). Крастева и Радева освоија по половина поен, Драгана Николовска (1.899) победи, а Петровска загуби. Гостивар (1.999, рангиран 14-ти) во третото коло е поразен со 1-3 од шведскиот Васа (2.089, 10.). ЖИМ Љиља Дрљевиќ (2.063) и Ксенија Томиќ (1.936) ремизираа, а ЖФМ Патрицие Најманова (2.045) и ЖФМ Петја Караиванова (1.951) се поразени. Во четвртото коло гостиварки загубија од англискиот клуб Сретхам/Брикстон (1.868, 17-ти) со 1,5-2,5. Дрљевиќ, Најманова и Аница Андоноска (1.813) ремизираа, а Николовска загуби. Вчера во петтото коло меѓу себе играа македонските клубови Центар АСЕЕ и Гостивар. По четири кола Центар АСЕЕ е 15-ти со три бода (7,5 по табли), а Гостивар е 18-ти со два бода (седум по табли). Во водство е Монте Карло (2.490) со осум бода (12,5). Г.И.
ШАХОВСКА ОЛИМПИЈАДА ЗА ЛИЦА СО ПОПРЕЧЕНОСТ
ИЦЦД и Казахстан 2 пресилни за Македонија
Македонската репрезентација по ремито во првото коло со Чешка доживеа два пораза на втората Шаховска олимпијада (ШО) за лица со попреченост во Астана (Казахстан). Македонија (1.799 рејтинг-поени, рангирана 26-та пред почетокот) загуби со 1-3 од комбинираната Меѓународна селекцијата на глуви (ИЦЦД). Ремизираа Зоран Костадиновски (1.861) и Јанчо Ѓорѓевски (1.746), а загубија Жарко Селковски (1.936) и Марија Арсова (1.653). Во третото коло загуби со 0,5-3,5 од втората репрезентација на Казахстан (1.844, 21.). Половина поен на втората табла освои Костадиновски, кој засега е единствениот во македонскиот состав што е непоразен (два поена од три можни). Македонија по третото коло од предвидените шест е 29-та со еден бод (3,5 по табли). Водат со по шест бода првата екипа на ФИДЕ (11 по табли), Полска (10) и Израел (девет). Вчера Македонија за ривал ја имаше репрезентацијата на Кенија (1.571, 32.). Г.И.




































