Фото: Маја Јаневска-Илиева

ШАХ

Мечот за титулата светски шаховски првак (ФИДЕ) е врв на циклусот за светски шампионат. Изданието во 2024 година ќе одлучи кој ќе владее со шаховскиот свет во следните две години. Дали тоа ќе биде актуелниот светски шампион, Кинезот Динг Лирен од Кина, или најмладиот предизвикувач во историјата на шахот, Индиецот Домарају Гукеш, кој има 18 години. Мечот за титулата светски првак привремено е закажан помеѓу 20 ноември и 15 декември 2024 година.
– По отворањето на тендерската процедура за град домаќин на настанот, ФИДЕ прими три апликации што ги исполнуваат сите критериуми. Овие понуди дојдоа од Њу Делхи (Индија), Ченаи (Индија) и од Сингапур, кои се борат да бидат домаќини на овој значаен шаховски настан, кој привлекува многу љубители на древната игра низ светот – информира ФИДЕ.
Сите три понуди ќе бидат разгледани на претстојниот состанок на Советот на ФИДЕ закажан за следната недела. Претставниците на сите три понуди ќе бидат поканети на состанокот за да споделат повеќе детали и да одговорат на поставени прашања во врска со организацијата на мечот. Конечната одлука ќе ја донесе Советот на ФИДЕ кон крајот на месецов. Г.И.