Се чувствувам како да читам книга или да гледам филм и да го гледам тој лик како го прави тоа, така што не можам баш да верувам, рече Домен Превц, кој прескокна 254,5 метри на натпреварот на Планица. Семејството Превц сега е сопственик на светските рекорди и во машка и во женска конкуренција, откако Ника Превц неодамна прескокна 236 метри во Викерсунд
СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – СВЕТСКИ КУП
Домен Превц од Словенија постави светски рекорд во скијачки скокови со скокот од 254,5 метри во финалето на Светскиот куп (СК) на леталницата Планица (Словенија), пред 17.000 гледачи. Досегашниот светски рекорд беше 253,5 метри, а беше поставен од Стефан Крафт (Австрија), на леталницата во Викеруснд (Норвешка), во 2017 година.
– Навистина неверојатно. Се чувствувам како да читам книга или да гледам филм и да го гледам овој лик како го прави тоа, така што не можам баш да верувам, но почувствував дека можам да направам сѐ по полетувањето и тоа беше едноставно совршено – рече Превц, пренесе Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Семејството Превц сега е сопственик на светските рекорди и во машка и во женска конкуренција, откако Ника Превц неодамна прескокна 236 метри во Викерсунд. Со натпреварите на Планица се заокружи сезоната во Светскиот куп, во која големиот кристалниот глобус го освои Даниел Чофениг (Австрија), кој сезонава победи и на новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Малиот кристален глобус, за титула во скијачки летови, го освои Превц.
По 20 години, на Планица е поставен светски рекорд (Норвежанецот Бјорн Роморен прескокна 239 метри во 2005 година). Н.М.
РАЗВОЈ НА СВЕТСКИОТ РЕКОРД ВО ПРЕТХОДНИТЕ 20 ГОДИНИ
МЕТРИ НАТПРЕВАРУВАЧ СКОКАЛНИЦА ГОД.
234,5 Бјорн Роморен (Нор.) Планица (Сло.) 2005
235,5 Мати Хаутамаки (Фин.) Планица (Сло.) 2005
239 Бјорн Роморен (Нор.) Планица (Сло.) 2005
243 Јохан Евесен (Нор.) Викерсунд (Нор.) 2011
246,5 Јохан Евесен (Нор.) Викерсунд (Нор.) 2011
250 Петер Превц (Сло.) Викерсунд (Нор.) 2015
251,5 Андерс Фанемел (Нор.) Викерсунд (Нор.) 2015
252 Роберт Јохансон (Нор.) Викерсунд (Нор.) 2017
253,5 Стефан Крафт (Авс.) Викерсунд (Нор.) 2017
254,5 Домен Превц (Сло.) Планица (Сло.) 2025