СКИЈАЧКИ СКОКОВИ – НОВОГОДИШНА ТУРНЕЈА „ЧЕТИРИ СКОКАЛНИЦИ“
- Претстојат уште два натпревара, а Превц, кој по двете победи води со 35 бода разлика, би можел да стане четвртиот што остварил т.н. гранслем од победи, со триумфи на секоја од четирите скокалници во една сезона. „Секако, постои притисок. Секогаш. Доаѓа од сите страни. Но од мене зависи како ќе се справам со тоа. Ако го земам како предност, да вложам повеќе енергија во скоковите, тоа е најдобриот начин да се справам со тоа“, рече Превц, пренесе ФИС
Домен Превц (Словенија) ја почна новата година со настап за паметење, победувајќи на втората станица од новогодишната турнеја „Четири скокалници“ во скијачки скокови, на 1 јануари. Лидерот во Светскиот куп (СК) победи со 15,4 поени предност пред Јан Херл (Австрија) во Гармиш-Партенкирхен (Германија), а Стефан Ембахер (Австрија) се пласира на третото место, првпат искачувајќи се на подиум на новогодишна турнеја, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС). Превц победи и на првиот натпревар, во германски Оберсдорф, на 29 декември.
– Имав суперскокови. Всушност, не ја прославив Нова година бидејќи бев толку уморен. Само си легнав во 11 часот навечер. Не го слушнав огнометот, па мислам дека денес имав некаков вид предност. Бев навистина добро одморен и во суперформа. Комбинирањето на сето тоа доведе до супернастап. Неверојатно е, се надевам дека ќе продолжам така – рече Превц, кој одушеви 22.000 гледачи на распродадениот стадион.
Превц стана четвртиот словенечки скијач скокач што победил во Гармиш-Партенкирхен, по Примож Петерка (славеше во 1997 и во 2003 година), неговиот брат Петер Превц (2016-та) и Анже Ланишек (2024 година). Со две победи, Превц се чини дека е во одлична позиција да стане третиот словенечки натпреварувач што ја освоил титулата на „Четирите скокалници“, по Петерка во 1997 година и Петер Превц во 2016 година.
Претстојат уште два натпревара, а Превц би можел да стане четвртиот што остварил т.н. гранслем од победи, со триумфи на секоја од четирите скокалници (во Оберсдорф, Гармиш, Инсбрук и во Бишофсхофен). Само Германецот Свен Ханавалд, Полјакот Камил Стох и Јапонецот Рјоју Кобајаши го постигнале овој успех, со сите четири победи во една сезона.
– Секако, постои притисок. Секогаш. Доаѓа од сите страни. Но од мене зависи како ќе се справам со тоа. Ако го земам како предност, да вложам повеќе енергија во скоковите, тоа е најдобриот начин да се справам со тоа. Во моментов единственото нешто што ми е на ум е што треба да направам. Треба да се фокусирам на моите работи – рече Превц, за кого тоа беше седма победа во Светскиот куп сезонава, пренесе ФИС.
Вкупниот број освоени бодови од секој од натпреварите за време на Четирите скокалници е решавачко за тоа кој ќе стане вкупен победник на тоа традиционално натпреварување, кое го има своето 74. издание. Превц води со 619,8 поени, а потоа се Херл со 584,8, Ембахер со 578,3, Феликс Хофман (Германија) со 573,2, Кобајаши со 572,8…
Следуваат натпреварите во Австрија, утре во Инсбрук (од 13.30 часот) и во вторник во Бишофсхофен (од 16.30 часот). Во Светскиот куп Превц е прв со 1.050 поени, пред Кобајаши со 736, Филип Рајмунд (Германија) со 581… Н.М.
Хет-трик на Ника Превц на натпреварот „Две ноќи“
Ника Превц од Словенија победи и на третата новогодишна турнеја „Две ноќи“ во скијачки скокови. Таа по натпреварите во германските Гармиш Партенкирхен и Оберсдорф собра најмногу поени, 527,7 (победи во Гармиш Партенкирхен, освои четврто место во Оберсдорф), и одново го освои трофејот, по триумфите во 2024 и во 2025 година. Второто место го освои Селина Фрајтаг од Германија со 505,3, трета е Нозоми Марујама од Јапонија со 496,9… Во Светскиот куп и понатаму води Марујама, сега со 902 бода, а актуелната победничка на Светскиот куп, Превц, е втора со 866 бода. Н.М.
































