Инфраструктурата е дел од основните услови ако сакаме да бараме резултати, рече Ристовски, информираат од Министерството за спорт
МИНИСТЕРСТВОТО ЗА СПОРТ
Министерството за спорт во првите шест месеци од формирањето ги реализира сите планирани капитални инвестиции за годинава. Министерот за спорт Борко Ристовски во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа ги сумираше активностите и остварувањата на новоформираното министерство на крајот од годината и најави два големи проекти во фокусот за наредната година.
– Сѐ што беше наша обврска како ново министерство го исполнивме. Реализацијата на планираните капитални инвестиции ни е стопроцентна, реализацијата на целокупниот буџет на Министерството за спорт е околу 98 отсто, што е сериозно висок процент. Според моите информации, Агенцијата за млади и спорт (АМС) никогаш немала поголема реализација на капитални инвестиции од 40-50 отсто. Ова е стопроцентно остварување на сѐ што сме планирале и сите оние средства што биле планирани за капитални инвестиции сме ги реализирале. Тоа е сериозна бројка и јас како министер сум многу горд на тоа што го оствари Министерството за спорт во овие шест месеци – рече Ристовски.
Од планираните активности за 2025 година, Ристовски посочи дека во фокусот на Министерството за спорт ќе биде реализацијата на два големи инфраструктурни проекта, доградба на базените што беа почнати од поранешната АМС и изградба на неколку спортски сали.
– Во изминатиов период вршевме анализа на сѐ што беше заостанато од АМС. Една од целите на Министерството за спорт за следната година ќе биде да се реши она што беше заостанато во изминатите години. Тука пред сѐ е долгогодишниот проблем со изградбата на базените во неколку општини. Овие базени се почнати од АМС пред пет-шест години и буквално не е ништо мрднато, недоградените базени стојат како црна дамка по општините. Во соработка со сите економски оператори ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик и да ги завршиме базените до крајот на летото. Тоа е можеби малку преоптимистички од моја страна, меѓутоа мора да постои позитивен притисок од Министерството за спорт кон економските оператори што ги градат тие базени. Сакаме да направиме типски, идентични сали во неколку града, со капацитет од околу 1.500 гледачи, затоа што најголемиот дел од барањата од општините на локално ниво се токму тие и такви објекти. Имаме градови и општини каде што децата буквално немаат каде да држат часови по физичко, а не, пак, да зборуваме за професионален спорт. Тоа ќе ни бидат главните приоритети за 2025 година, односно завршувањето на базените и изградба на четири-пет спортски сали во неколку града, како и изградбата на една спортска сала за боречки вештини во општината Бутел. Таеквондото во моментов ни е олимписки спорт број еден во државата, мора да го почитуваме тоа и заедно со Македонската таеквондо-федерација да направиме нешто што ќе биде олимписки дом за боречки вештини. Од февруари-март треба да почнеме со изградба барем на две спортски сали и во втората половина од годината да почнеме уште две-три сали и да знаеме како да го планираме буџетот за наредната година. Министерството за спорт има капацитет и ќе настојуваме да се завршат колку што е можно повеќе работи. Инфраструктурата е дел од основните услови ако сакаме да бараме резултати – рече Ристовски, информираат од Министерството за спорт. Г.И.