На свечена церемонија во „СЦ „Јане Сандански“, Сојузот на спортови на Скопје ги додели наградите „13 Ноември“ за 2025 година од областа на спортот. Наградата за најдобар спортист му припадна на пливачот Евгениј Поп Ацев, кој годинава го преплива каналот Ла Манш и стана петтиот Македонец што го препливал. Најдобар тренер е Кирил Лазаров, предводник на РК Алкалоид, кој го освои Европски куп за мажи, а најдобра екипа е РК Алкалоид.
Награда за спортски работник доби Горан Мицкоски, кој како стручен соработник во Македонската џудо-федерација е еден од најзаслужните за одлично организираните натпревари годинава, ЕП за кадети, Џудо на ЕМОФ, Европски куп за јуниори, тренинг-камп за јуниори/ки и Европски куп за сениори. Признание за спортски работник доби и Јордан Тасевски за успешна 35-годишна кариера во стрелаштвото, како натпреварувач, тренер, селектор и спортски работник, а од 2019 г. и претседател на Македонската федерација во спортско стрелаштво, додека на годинашниот ЕМОФ постави врвна екипа, услови и опрема, со што неговиот успех беше забележан од ИССФ и е поставен во составот на претседателство на Меѓународната стрелачка федерација и награден со златен орден на честа.
За придонес и развој на училишниот спорт во Скопје се наградени Александар Аргироски, професор по физичко образование, спорт и здравје во ООУ „Петар Поп Арсов“ (прво место со машката екипа во футсал на градско и на државно првенство, второ место кошарка мажи и четврто место одбојка девојки на општинско првенство) и Ана Јакимовска Стричевиќ, професорка во средното училиште М.М. Брицо од Скопје (прво место на регионално првенство футсал момчиња и девојчиња, регионално првенство во кошарка девојчиња и на државно првенство во фудбал за девојки, второ место на државно првенство во футсал за момчиња, трето место за девојки). Наградата за спортски новинар ја доби Владимир Булатовиќ од порталот „Екипа“ (основач и главен извршен уредник во спортскиот портал, автор и главен уредник на првата фудбалска енциклопедија на Македонија, како и автор на монографијата 70 години кошаркарски клуб Вардар – Скопје).
Спортски работник за животно дело – Бошурка Ѓошевска (почна како атлетичарка во седумдесеттите години и оствари високи резултати, продолжи како тренерка во АК Работнички и професорка во ДУФК М.М. Брицо, целиот работен век го посвети на спортот, развојот на атлетиката, создавајќи врвни атлетичари, а нејзиниот ентузијазам и посветеност во атлетиката се уште активни и таа продолжува науморно како посветена тренерка во АК Работнички Скопје). Спортски работник за животно дело – Кирил Михаилов (фоторепортер, организатор на автомобилистички трки, активно вклучен во организација на автомобилистички трки во рамките на АМСМ уште од 80-тите години на минатиот век и до ден-денес е активен фоторепортер на сите автомобилистички натпревари, а остави траен белег за вистинските моменти од спортски настани како Скопскиот маратон, натпревари во мечување, кајак, атлетика, триатлон, мотоциклизам, рели со џипови и други индивидуални спортови). Г.И.

































