Фото: Влада на РМ

Национално спортско признание со кое се стекнуваат спортисти државјани на Република Македонија „може да се додели и на спортист-поединец за освоено прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство од највисок степен во екипните олимписки спортови или во случаите на остварување резултат што е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар“, информира Министерството за спорт

На свечена церемонија што се одржа вчера во Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, им доделија Национално признание на најуспешните македонски спортисти за врвни достигнувања во спортот.
Ова е признание за најдобрите македонски спортисти за нивните исклучителни остварувања во екипните спортови, кои досега не беа соодветно вреднувани.
Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот се стекнаа 22 спортисти, и тоа Горан Пандев, Дарко Панчев, Илија Најдоски (фудбал), Петар Наумоски, Перо Антиќ (кошарка), Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска-Муратовска и Клара Боева (ракомет).
– Со измените во Законот за спорт што ги направи Министерството за спорт, национално спортско признание со кое се стекнуваат спортисти државјани на Република Македонија „може да се додели и на спортист-поединец за освоен златен медал, односно за освоено прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство од највисок степен во екипните олимписки спортови или во случаите на остварување резултат што е светски или европски рекорд во олимписки спортови остварен на официјален меѓународен натпревар“. Според законските одредби, на спортистот што стекнал национално спортско признание му се доделуваат плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата исплатена во Македонија во претходната година – информираат од Министерството за спорт. Г.И.