Ова 107. издание на велосипедската грантур-трка треба да почне во Торино на 4 мај, а да заврши во Рим, со кружна етапа околу Колосеумот, на 26 мај
ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Велосипедската трка Џиро д’Италија во 2024 година ќе има два хронометри (од 37,2 км и од 31 км), потоа 12 км што ќе се возат на земја, на шестата етапа и шест искачувања врвови на планините, пишува велосипедската интернет-страница „Сајклинг њуз“. Ова 107. издание на велосипедската грантур-трка треба да почне во Торино на 4 мај, а да заврши во Рим, со кружна етапа околу Колосеумот, на 26 мај.
На возачите им претстојат тринеделни напорни трки. Сепак, организаторите следеа други грантур-трки и ги намалија должините на етапите за да се обидат да ги направат дневните трки повозбудливи, со само четири етапи подолги од 200 километри и многу од околу 170 километри, пишува „Сајклинг њуз“.
Целосната маршрута на Џиро д’Италија беше претставена во Тренто, во петокот, за време на спортскиот фестивал на „Газета дело спорт“. Првата клучна етапа на трката в година е на втората етапа, со други тешки денови во планината на осмата етапа, на јужните Апенини и во близината на Неапол на етапата број десет.
Последната недела од трката околу Италија е преполна со искачувања, а 15-та етапа завршува на 2.385 метри надморска височина во Ливињо, по кратка посета на Швајцарија, пишува „Сајклинг њуз“.
По вториот ден за одмор, возачите се искачуваат на највисоката точка на Џиро д’Италија за 2024 година, на 2.758 метри. Етапата 20 нуди последна шанса да се оствари вкупната победа со двојно искачување на Монте Грапа во регионот Венето, а брзото спуштање до целта би можело да биде клучно, како и двете искачувања, пишува „Сајклинг њуз“.
Почетокот на трката за 2024 година беше објавен претходно минатата недела, при што Торино и регионот Пиемонте ќе бидат домаќини на првите три етапи пред велосипедистите да тргнат кон југ. Н.М.