Претседателот на ЏФМ, Трпаноски, со добиените признанија од ЕЏУ

ОДЛУКИ НА 77. КОНГРЕС НА ЕВРОПСКАТА ЏУДО-УНИЈА

  • На конгресот присуствуваше претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Владимир Трпаноски, кој во име на ЏФМ го прими највисокото признание „Најдобар европски организатор за 2025 година“, како потврда за успешното институционално водење и организациски капацитети на македонското џудо

На 77. конгрес на Европската џудо-унија (ЕЏУ), одржан во Лас Палмас (Шпанија), Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ) оствари историски успех, добивајќи две високи европски признанија.
ЏФМ е официјално прогласена за најдобар европски организатор за 2025 година, за исклучително успешната организација на Европското првенство за кадети и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), реализирани со врвен професионализам, прецизност, одличен менаџмент на настани и исклучителна грижа за сите учесници, оставајќи траен впечаток кај сите присутни национални федерации.
Дополнително, Европската џудо-унија на претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, му го додели и престижното признание „Херој на годината“ („Hero of the Year“), како симбол на лидерство, визија и исклучителен придонес во развојот и промоцијата на европското џудо, пишува во соопштението на Џудо-федерацијата на Македонија.
На конгресот присуствуваше претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, кој во име на Џудо-федерацијата на Македонија го прими највисокото признание „Најдобар европски организатор за 2025“, како потврда за успешното институционално водење и организациски капацитети на македонското џудо. Признанието е официјално потпишано од претседателот на Европската џудо-унија, д-р Ласло Тот, на 14 декември 2025 година.
– Џудо-федерацијата на Македонија упатува искрена честитка и благодарност до целиот организациски тим, волонтерите, судиите, клубовите, институциите и сите партнери, чија посветеност и професионалност беа клучни за овој европски успех – пишува ЏФМ.
Со овие високи европски признанија се потврдуваат врвните организациски стандарди, институционалниот кредибилитет и трајниот углед на македонското џудо на европската и меѓународната спортска сцена. Г.И.