ШАХ
Панг, шаховското чудо од Лондон, е најмладиот играч што достигнал рејтинг од 2.200 поени
Деветгодишниот кандидат мајстор (КМ) Итан Панг од Англија, најмладиот играч со 2.200 рејтинг-поени, победи тројца велемајстори (ВМ) на неодамнешниот класичен турнир во Унгарија и беше блиску првпат да ја пробие бариерата од 2.300 рејтинг-поени. Панг, кој се најде на насловните страници во јули, кога го собори рекордот на аргентинскиот ИМ Фаустино Оро и стана најмладиот играч во шаховската историја што достигнал рејтинг од 2.200 поени, имаше извонреден настап неодамна на турнирот во Будимпешта, каде што беше девети. Панг, шаховското чудо од Лондон, имаше импресивен резултат од 4,5 поени од осум, и рејтинг-перформанс од 2.300 поени, откако победи тројца ВМ и ремизира со еден интернационален мајстор (ИМ). Велемајсторите беа со рејтинг 2.365, 2.302 и 2.321, пишува „Чес“, специјализираната шаховска интернет-страница.
Во претходната година „Чес“ опфати голем број случаи на порази на ВМ од шахисти под 10 години во класичен шах. Сингапурецот Ашват Каушик останува најмладиот, кога во февруари го победи ВМ Јацек Стопа (2.351), на осум години, шест месеци и 11 дена, соборувајќи го рекордот на Србинот Леонид Ивановиќ поставен еден месец претходно.
– Итан беше многу среќен што направи таков подвиг, но немавме поим дека соборува некаков рекорд. Тој сега е трипати запишан во листата на најмлади играчи што победиле ВМ – изјави за „Чес“ таткото на Итан, Рејмонд Панг.
Итан Панг ја предводи листата на шахисти со највисок рејтинг родени во 2015 година или подоцна, пред неговиот сонародник ЖФМ Бодана Сиванандан, а трет е Роман Шогџиев, кој победи пет ВМ на ланското СП во забрзан и во брз шах. Таткото на Панг изјави за „Чес“ дека Итан научил шах во шаховскиот клуб во училиштето, на пет години.
– Се чини дека на крајот сѐ се сведе на вежбање. Кога ќе му се укаже можност да игра против силни играчи, тој има тенденција да ја сфати играта посериозно. Доследното вежбање и шансата да се натпреварува против различни противници беа клучни фактори за неговиот шаховски развој – рече Рејмонд за тоа како неговиот син стана толку силен играч на рана возраст. Г.И.