ВИКЕНДОВ ВО ПАРИЗ
- По серијата подготовки во мојот клуб Макпетрол, но и натпреварите во нашата држава, очекувам добар пласман на квалификацискиот турнир во Париз, вели репрезентативецот Заборски
Македонија ќе настапи со десет каратисти на квалификацискиот турнир во Париз (Франција), за пласман на Светското првенство (СП) во Каиро (Египет) годинава. Во Париз ќе настапат Михаела Мишовска (категорија до 50 кг, Олимпик спорт), Рудина Алиу (до 55 кг, Цветан Димов), Викторија Јовановска (до 61 кг, Макпетрол), Греса Мустафаи (над 68 кг, Арена), Фаик Весели (до 60 кг, Олимпик спорт), Вукашин Јовановиќ (до 67 кг, Шампион), Петар Заборски (до 75 кг, Макпетрол), Реџеп Рушити (до 84 кг, Куштрими), Стефан Стојановиќ (над 84 кг, Макпетрол) во борби и Нуредин Дервиши (Ускана) во кати.
СП 2025 е на програмата од 27 до 30 ноември. Репрезентативците ги предводат тренерите Петар Заборски (борби) и Нуредин Дервиши (кати). Ангела Мојсовска од КК Макпетрол (категорија до 68 кг) веќе обезбеди директен пласман на СП во Египет, како седмопласирана на ранг-листата на Светската карате-федерација (ВКВ). Во Париз за место на СП ќе се борат вкупно 548 каратисти од 105 држави.
– По серијата подготовки во мојот клуб Макпетрол, но и натпреварите во нашата држава, очекувам добар пласман на квалификацискиот турнир во Париз. Секако, мојата мотивација е голема, бидејќи со добар пласман во Париз си овозможувам пласман за Светското првенство во Каиро, а тоа ќе претставува голем успех за мене – вели репрезентативецот Петар Заборски.
Вчера беше ждрепката, а од денеска до недела се борбите. Извлечени се 12 групи со по четири или пет каратисти во група, кои ќе се борат секој со секого. Настап на СП ќе обезбедат шест каратисти од секоја категорија. Г.И.