ШАХ – ГРАНПРИ-СЕРИЈА ВО БЕРЛИН

Во Берлин почна третиот и последен турнир од гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак, каде што ќе настапат осуммина шахисти, во јуни во Мадрид. Во Берлин, 16 велемајстори играат за последните две места на Турнирот на кандидатите (се собираат резултатите по трите турнира). Дербито на 1-то коло во групата А му припадна на Левон Аронијан, кој го совлада победникот на првиот ваков турнир, игран, исто така, во Берлин, Хикару Накамура. Пријатно изненади и Александар Предке, кој почна со победа над Максим Вашер-Леграв. Поради пандемијата на ковид-19, само 35 гледачи дневно ќе можат да ја посетат салата, а сите билети се распродадени уште во февруари. На вториот турнир, во Белград, победи Ричард Рапорт.
Група А: Левон Аронијан – Хикару Накамура 1-0, Андреј Есипенко – Григориј Опарин реми. Група Б: Винсент Кејмер – Шахријар Мамеѓаров реми, Данил Дубов – Лениер Домингез 0-1. Група Ц: Сем Шенкланд – Весли Со реми, Александар Предке – Максим Вашер-Леграв 1-0. Група Д: Аниш Гири – Ју Јангји реми, Никита Витиугов – Амин Табатабаеи 1-0.