Фото: „Нова Македонија“

ВЕТЕРАНСКИ ШАХОВСКИ ФЕСТИВАЛ – ТРЕТ ТУРНИР

  • Илија Стошевски и ФИДЕ-мајсторот Љубомир Хаџи-Манев водат со по два поена по две кола на третиот турнир со класично темпо на игра

Илија Стошевски (2.045, рангиран трет пред почетокот на турнирот) и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Хаџи-Манев (1.965, шести) водат со по два поена по две кола на третиот турнир со класично темпо (90 минути, плус 30 секунди по секој потег), на ветеранскиот шаховски фестивал „Незаборав за хероите 1941-1944“, кој се игра во просториите на ШК Алкалоид, во организација на ШКВ Скопје 72. Во конкуренција на 20 шахисти (четворица ФМ), Стошевски во првото коло го победи Лазо Спасовски (1.813), а во второто Зоран Јовановски (1.870). Хаџи-Манев, пак, славеше на дуелот со Владимир Геровски (1.746) и во дербито на првата табла против прворангираниот на турнирот Јани Богоевски (2.144).
Турнирот изобилува со интересни и борбени партии, но и неколку изненадувања. За тоа се погрижија во првото коло Борис Јаневски (1.771, 14-ти), против искусниот ФМ Димитар Качаковски (1.982, четврти), потоа Томислав Голубовиќ (1.757, 15-ти), против фаворитот, ФМ Александар Кралевски (1.982, петти) и Иле Кромов (1.689, 18-ти), против Атанас Ташевски (1.893, осми). Сите три партии завршија со реми.

– Хаџи-Манев во неизвесна партија, во која имаше динамична рамнотежа на таблата, прв дојде до напад во дербито на колото, а Богоевски направи неколку грешки, по што позицијата му се распадна и загуби. Борбено докрај одиграа Качаковски и Зоран Костадиновски (шахист со оштетен вид – н.з.), па во заемен недостиг од време партијата заврши со реми. Борис Јаневски рутински славеше над Голубовиќ, а Зоран Јовановски сакаше да го одбегне теоретскиот дуел со стариот лисец Стошевски, но не успеа и ја загуби партијата – ни изјави претседателот на ВШК Скопје 72, Илија Стошевски.
Вчера се играше третото коло од предвидените седум. Победникот на турнирот се стекнува со титулата шаховски првак на Скопје во ветеранска категорија. На првиот турнир, во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди), победи ФМ Кралевски, а на вториот, во брз шах (пет минути, плус три секунди), славеше Јосип Димитровски. Г.И.