Правилно го дозиравме напорот, со оглед на тоа дека Оливера Наковска-Бикова се натпреварува во три различни дисциплини, па некогаш имаше дневен тренинг во сите три дисциплини во периодот од 9 до 14 часот, вели тренерот Бранимир Јовановски. Од 12 часот таа ќе се натпреварува во пукање со воздушен пиштол од 10 метри. Во финалето ќе настапат првопласираните осум. Наковска-Бикова, за која овие ПОИ во Париз се шести во низа, задутре ќе се натпреварува и со спорт пиштол од 25 м, а в среда со пиштол слободен избор од 50 м
Единствената македонска претставничка на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, денеска ќе го има својот прв настап. Со почеток во 12 часот на олимпиското стрелиште во Шатеру, таа ќе се натпреварува во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 10 метри, дисциплина во која на ПОИ 2012 го освои златниот медал. Во финалето, кое е закажано за 14.45 часот денеска, ќе се пласираат првопласираните осум стрелачки, при што се бришат постигнатите резултати од квалификациите и финалето го почнуваат од нула.
Наковска-Бикова в понеделник ќе настапи во дисциплината спорт пиштол од 25 метри, а в среда со пиштол слободен избор од 50 метри. Таа на сите ПОИ на кои настапила досега, почнувајќи од 2004 година, била финалистка. За Наковска-Бикова овие ПОИ во Париз се шести во низа, а норма за настап обезбеди во ноември 2023 година, освојувајќи го златниот медал на Светското првенство (СП) во Обединетите Арапски Емирати, во дисциплината П4-пиштол слободен избор од 50 метри.
– Тренинзите се одвиваат нормално. Кај сите учесници се забележува доза на стартна нервоза. Атмосферата во нашиот табор е добра, здрави сме, одморени. Правилно го дозиравме напорот, со оглед на тоа дека Оливера Наковска-Бикова се натпреварува во три различни дисциплини, па некогаш имаше дневен тренинг во сите три дисциплини во периодот од 9 до 14 часот. Пробуваме и друг тип муниција купена тука на стрелиштето, оти пиштолот на 50 м почна да прави застои. Како и да е, сѐ е под контрола и го чекаме почетокот на настапот – ни изјави Бранимир Јовановски, селекторот на македонската стрелачка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова.
Параолимписката експедиција на Македонија во Париз е од 21 август и веќе се аклиматизира на тамошните услови.
– Во конкуренција ќе бидат најдобрите педесетина стрелачи од светот, од кои најмалку 20 жени. Ако знаеме дека спорт пиштол од 25 метри и пиштол слободен избор од 50 метри е микс-категорија, каде што заедно настапуваат мажи и жени, верувам дека во тие дисциплини ќе бидат во конкуренција по 40 натпреварувачи, а во дисциплината воздушен пиштол жени околу 20-25 учеснички – вели Јовановски, кој е и носител на златен медал од ПОИ 1992.
Стрелаштвото е дел од ПОИ од 1976 година, а годинашните настани вклучуваат по три женски и машки и седум мешани натпревари, со вкупно 160 спортисти од 51 земја. Во седум натпреварувачки дена ќе се одржат 13 натпревари за медали.
Според организаторот, на Параолимписките игри во Париз годинава ќе настапат околу 4.400 спортисти, од рекордни 168 земји, во 22 параолимписки спорта, а во 11 натпреварувачки дена ќе бидат поделени вкупно 549 златни медали. Г.И.
Медалите на Оливера Наковска-Бикова
ПОЕДИНЕЧНИ
ПОИ злато во 2012 година
СП злато во 2022 г., сребро во 2006 г., бронзи во 2010, 2014 и во 2018 г.
ЕП злато во 2001 и во 2022 г., сребро во 2005 г.
ЕКИПНИ
СП сребро и бронза во 2002 година
ЕП сребро во 2001 и во 2007 г. и бронзи во 2001, 2005 и во 2007 г.