Европскиот младински олимписки фестивал е водечки мултиспортски настан за европски млади спортисти на возраст од 14 до 18 години. На годинашниот 18-ти летен ЕМОФ се очекуваат повеќе од 4.000 спортисти и службени лица од 50 европски делегации, а ќе има и над 700 волонтери од цела Европа, што го прави еден од најголемите младински спортски настани во Европа, пишува „ЕМОФ Скопје 2025“

Во олимпискиот центар „Јане Сандански“ денеска (од 11 часот) ќе бидат претставени младите олимпијци и врвни спортски таленти што ќе ја претставуваат Македонија на „Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) Скопје 2025“, кој почнува в недела, објави Македонскиот олимписки комитет (МОК). Европскиот младински олимписки фестивал е водечки мултиспортски настан за европски млади спортисти на возраст од 14 до 18 години.
– Овие млади спортисти, избрани врз основа на нивните извонредни достигнувања и посветеност, се вистински амбасадори на македонскиот спорт и иднината на нашиот олимписки дух. Македонската младинска олимписка делегација е составена од најперспективните млади спортисти од различни спортови и спортски дисциплини, кои во изминатиот период напорно работеа и се подготвуваа за овој најголем Европски мултиспортски настан во 2025 година. Нивното учество на „ЕМОФ Скопје 2025“ не само што е признание за нивниот труд туку и можност да се натпреваруваат со врсници од цела Европа, да разменат искуства и да го почувствуваат вистинскиот олимписки дух – изјави претседателот на МОК, Даниел Димевски, пренесе Македонскиот олимписки комитет.
На годинашниот 18-ти летен „Европски младински олимписки фестивал Скопје 2025“ се очекуваат повеќе од 4.000 спортисти и службени лица од 50 европски делегации, а ќе има и над 700 волонтери од цела Европа, што го прави еден од најголемите младински спортски настани во Европа, пишува на официјалната интернет-страница „ЕМОФ Скопје 2025“.
Има зимско и летно издание на ЕМОФ, кои се одржуваат секои две години, во непарни години. Европскиот младински олимписки фестивал е најголемиот спортски настан организиран за млади, со 34 години историја, откако првпат беше одржан во Брисел (Белгија) во 1991 година, како летен спортски натпревар. Првиот зимски ЕМОФ е одржан во 1993 година, во Аоста (Италија). Досега се одржани по 17 летни и зимски европски младински олимписки фестивали.
На „ЕМОФ Скопје 2025“ спортистите ќе се натпреваруваат во 15 спорта, и тоа во атлетика, бадминтон, баскет 3х3, кошарка, кану-слалом, велосипедизам, планински велосипедизам, ракомет, џудо, пливање, стрелаштво, пинг-понг, таеквондо, одбојка и во гимнастика. Сите спортски натпревари ќе бидат целосно бесплатни за посетителите, пишува официјалната интернет-страница на „ЕМОФ Скопје 2025“. Н.М.