Пeтте браќа од семејството Димитрови од Дебар Маало се заслужни за подемот на АК Работнички. Трајко Димитров беше активен атлетичар, тркач на долги патеки и афирмиран архитект специјализиран за изградба на спортски објекти. Помладиот брат Никола се натпреваруваше во фрлачките дисциплини, преостанатите тројца браќа беа истакнати атлетски работници
НИЗ АТЛЕТСКАТА ИСТОРИЈА (2)
Колку е чудна историјата на ЖСД Работнички покажува и она што подоцна ќе го презентирам, а се однесува на едно бурно време зафатено и од виорот на Втората светска војна. Во тие 40-ти години од минатиот век, кога војната беснееше на сите меридијани, поради своите недоразбирања со ненародната власт, беа забранети речиси сите активности на клубот од Дебар Маало. Но, не можејќи да се помират со тој факт, спортистите предводени од револуционерот Дане Крапчев, кој загина во текот на војната, ги вршеа своите активности. Иако беа изложени на многу непријатности, тие, сепак, не се откажуваа и ги реализираа своите активности дури и по цена да го сменат името Работнички со ново име, кое нема да им боде очи на оние што насилно сакаа да ги уништат идеалите на младите и, наместо Работнички, во 1943 година друштвото беше преименувано во Слобода. И тоа не им беше симпатично на властите, но ако настојуваа и тоа име да го сменат, уште повеќе ќе ги разгореа незадоволството и бесот кај младите луѓе, кои веќе имаа зачекорено на спортската сцена.
Атлетиката најприфатлив спорт
Со оглед на тоа што за екипните спортови во таквите околности беше тешко, некаде дури и невозможно, да се формираат комплетни тимови, освен во фудбалот, кој беше на првото место на популарноста и него никаква сила не можеше да го спречи. Затоа, фокусот беше ставен на поединечните спортови. Од нив, најсоодветна беше атлетиката, зашто за неа полесно можеше да се најде адекватен терен каде што младите би ги вежбале елементите од техничките, додека за тркачките дисциплини беше полесно и за нив најчесто се користеа парковите и полјанките. Ова не беше решение, но кога немаше други можности, и тоа беше еден од начините да заживее атлетиката. Инаку, на територијата на Македонија немаше ниту едно атлетско борилиште и сѐ се одвиваше во некакви импровизирани услови. Но, сепак, иако ситуацијата не беше нималку розова, вљубениците во атлетскиот спорт некако се снаоѓаа. Во тоа многу им помогнаа и поискусните спортски работници со чија помош горе-долу се создаваа барем минимални услови за вклучување на младите луѓе во некоја од дисциплините на кралицата на спортовите. Благодарение на големиот ентузијазам и снаодливоста на поискусните спортски работници, сето она што постоеше како спортски ресурс се ставаше во функција, па така, честопати фудбалските игралишта стануваа тркалишта, а некаде во ќошињата од теренот се наоѓаше простор и за скок во височина или во далечина, а некаде и за фрлање ѓуле. Така, иако во неадекватни услови, сепак, атлетиката заживеа и уште во почетокот доби многу приврзаници. Во Работнички, во кој името Слобода веќе и не се споменуваше, почнаа да се создаваат првите атлетски шампиони. Тоа беше добар показател за спортската историја на Скопје и Македонија конечно да запише оти почна да вирее и атлетиката. Бројот на младите што беа заинтересирани да се занимаваат со овој спорт од ден на ден стануваше сѐ поголем, па така фудбалскиот терен, немајќи други решенија, стана и атлетски мегдан.
Љубовта на дебармаалските браќа кон „кралицата“
За да се добие појасна слика како се развиваше атлетиката и кои беа нејзините први протагонисти, ќе направам една дигресија и ќе се вратам на дебармаалското семејство Димитрови. Ова го правам од проста причина што сите петмина браќа беа задоени со атлетиката.
Некои од нив, како Трајко и Никола, беа и активни атлетичари, а другите тројца беа вклучени како атлетски работници, членови на УО на АК Работнички и носители на функции во судиската, стручната и организациско-техничката комисија на клубот, а по извесно време и во новоформираниот Атлетски сојуз на Македонија.
Сега ќе евоцирам некои спомени од разговорите што често ги водев со еден од петте браќа Димитрови, кои имаат голема заслуга за развојот и напредокот на АК Работнички, како и за развојот на скопската и македонската атлетика. Од петтемина, најголема комуникација и поради природата на работата, јас како новинар, а тој како еминентен архитект, со потесна специјалност за проектирањето општествени и спортски објекти, имав токму со Трајко. Тој беше втор по возраст меѓу браќата и практично во текот на целиот спортски живот беше поврзан со атлетиката, прво како тркач на долги патеки, а потоа и како афирмиран атлетски функционер околу кого се вртеа многу работи поврзани со кралицата на спортовите. За да стане појасно за која личност се работи, ќе кажам оти Трајко Димитров, кој беше вработен во „Македонија- проект“, беше еден од првите македонски архитекти, а како негови најзначајни дела, меѓу многуте други, ќе останат затворениот пливачки базен во Карпош, потоа Универзалните спортски сали на Тутунскиот комбинат во Прилеп и салата во Куманово. Тој беше проектант и на старата пристанишна зграда на аеродромот во Петровец, за која ја доби и Борбината награда (од весникот „Борба“ од Белград). Негов неостварен сон, иако имаше проект за тоа, остана што на времето во Скопје не се изгради голема спортска сала за неколку илјади гледачи што требаше да никне во Ново Маало, веднаш до олимпискиот базен. Макетата за овој грандиозен објект долго стоеше во една од просториите на „Македонија-проект“, но, за жал, сѐ остана на тоа, проектот на Трајко не беше реализиран. Причини за тоа има повеќе, но финансиите беа најголемиот проблем.
– За неа имаше многу полемики и се водеа многу дискусии, но се чини за одговорните фактори реализацијата на овој проект ќе беше голем товар, зашто требаше да се обезбедат доста средства – ми велеше на времето Трајко покажувајќи ми ја и макетата, која беше изработена по урнек на репрезентативните сали во Италија, Франција и во Шпанија.
Очигледно Трајко Димитров имаше плоден и долг работен век. Тој почина на 93-годишна возраст, во јануари 2023 година. Инаку, до крајот на животот остана со бистар ум и секогаш подготвен со голема љубов да зборува за атлетиката, особено за годините поминати како активен атлетичар на Работнички.
Во една брошура целата историја
Брошурата издадена по повод 25-годишнината од формирањето на АК Работнички од 1945 до 1970 година и сето она што е сместено во неа, најубаво потврдува за силината и големината на дебармаалскиот клуб, кој може да се смета за основоположник на атлетиката во Скопје и во Македонија. Во неа се изнесени многу факти, поткрепени со постигнувањата на членовите на клубот во сите атлетски дисциплини. Автори на оваа брошура сме Чедо Шаревски, Славко Матовски, Милан Младеновиќ, Бане Чадиковски и јас, но моето учество во неа не беше само како новинар туку и како актер во атлетскиот спорт, во кој во тоа време (1963-1965) бев единствен младински репрезентативец на Југославија од Македонија. Елица Змејкова, пак, подолг период беше стандардна сениорска репрезентативка на поранешната држава. Евиденцијата што секој од нас ја водеше не само за себе туку и за конкурентите, беше искористена да се напише навистина една содржајна брошура, во која се споменуваат многу имиња и резултати.
Во оваа пригода ќе споменам некои од нив, зашто да не беа тие, немаше да биде и шампионскиот АК Работнички, кој во својата клупска историја запиша најмногу екипни титули за првак на Македонија. Клубот, иако помина низ многу тешки периоди, до денес остана да зрачи како една од најсветлите sвезди не само во македонската туку во минатото и во југословенската атлетика.
Брошурата по повод 25-годишнината на АК Работнички, издадена во 1970 година, впрочем го отсликува клубот, неговите активности, а ги набројува и имињата на оние што имаат голема заслуга за неговата афирмација.
Во наредните неколку понеделници ќе се обидам на сликовит начин да го опишам Работнички не само како клуб на Дебар Маало туку и како скопски и македонски атлетски бренд од кој произлегоа многу репрезентативци на поранешната држава, а на времето кога Македонија самостојно учествуваше на традиционалните приредби во поранешна Југославија, во нејзиниот репрезентативен состав имаше најмногу претставници токму од АК Работнички.
Користејќи многу факти од брошурата во која, како што реков, еден од авторите бев и јас, ќе поминеме низ историјата на клубот, кој беше значаен не само за атлетскиот спорт, за кој всушност беше и формиран, туку воопшто за севкупниот македонски спорт. Ова е значајно за младите поколенија да знаат од каде се никулците на „кралицата“, а преку неа како основен спорт и корените на сите други спортови. Интересно е и нешто друго. Имено, ќе биде и изненадувачки, кога ќе прочитате оти едни исти личности, вистински ентузијасти, особено во годините по Втората светска војна, се споменуваат како творци и на другите спортови. Тоа пред сѐ се однесува на легендарните Славко Матовски (голем и мал ракомет, атлетика и кошарка) и Никола Таневски, кој беше еден од првата генерација фудбалери на Работнички, а заедно со Славко се сметаат за пионери во атлетскиот спорт. Таневски беше спринтер и прв рекордер на Македонија на 200 метри, но резултатот од 22,6 секунди не беше верификуван како рекорд, бидејќи се трчало на тревна патека, која не била најдобро измерена. Потоа Таневски стана тренер со завршен тренерски курс, а беше познат и како атлетски судија, стартер на трките.
Идниот понеделник ќе читате за првите шампиони и рекордери на Македонија што потекнуваа од АК Работнички.